Седумте избирачки места во земјава каде денеска се прегласува за парламентарните избори 2024 се отворени навреме, а гласањето се одвива без проблеми, забележуваат нашите мобилни набљудувачи кои се на терен, информираат од ЦИВИЛ на првата прес конференција.
Прегласувањето се одвива во Петата изборна единица на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во Шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.
До 11 чaсот, од вкупно запишани 4.514 гласачи на седумте избирачките места, гласале 743 односно 16.46 отсто, соопштија од ДИК.
Во ИМ 2101 во Желино гласале 205 гласачи од 993 гласачи, односно 20.64%.
Во ИМ 1194 во Крушево, гласале 87 гласачи, од вкупно 470, односно 18.55 %.
Во ИМ 1202 во Крушево, гласале 35 гласачи, од вкупно 298, односно 11.74 %.
Во ИМ 1272 во Охрид, гласале 156 гласачи, од вкупно 712, односно 21.94 %.
Во ИМ 1470 во Долнени, гласале 83 гласачи, од вкупно 659, односно 12.61 %.
Во ИМ 1470/1 во Долнени, гласале 31 гласач, од вкупно 634, односно 4.91%.
Во ИМ 1844 во Струга, гласале 146 гласачи, од вкупно 755, односно 19.39 %.
Во споредба со гласањето на 8 мај 2024, до 11 часот, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 5.35% на овие избирачки места.
Воедно, ЦИВИЛ ја информира јавноста дека во тек е постизборниот долгорочен мониторинг.
Уште во првите денови по парламентарните избори ЦИВИЛ бележи повеќе случаи закани и притисоци во неколку институции, а во институциите на локално ниво се бележи зголемен број на притисоци и постапки што може да се категоризираат како реваншизам.
Во текот на функционирањето на техничката влада, вакви случаи се бележат во Министерството за внатрешни работи. Амбиентот во оваа државна институција е таков што дел од вработените се чувствуваат несигурни, се соочуваат со рестриктивни мерки и закани со откази, а во некои случаи и со директни навреди и закани.
Овие состојби се веќе дел од сеопфатниот извештај од долгорочниот мониторинг на ЦИВИЛ, кој ќе биде објавен во јуни.
ЦИВИЛ ќе одржи шест прес конференции, по три на македонски и албански јазик.
Следните прес конференциите на македонски ќе се одржат во 17 и 20 часот, а на албански во 17:30 и 20:30 часот.
Прес центарот на ЦИВИЛ ќе бидат отворен за медиумите во текот на целиот изборен ден, а вонредни обраќања ќе има доколку има итни информации од теренот.
Добредојдено е и лично присуство и виртуелно учество на медиумите. Прес конференциите ќе се пренесуваат во живо на Фејсбук страната на организацијата и на видео каналот на YouTube.
ЦИВИЛ Тим за комуникации