ДУП-от за Лисиче за градската четврт ЈИ 09, блок 09.01 со 16 гласа ЗА и 11 против е усвоен на денешната седница на Советот на Општина Аеродром. Советниците на СДСМ и Левица гласале против, а ЗА гласале советниците од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, дознава Фронтлајн.
Како што објавивме претходно спорниот ДУП за Лисиче на дневен ред на денешната седница на Советот на Општина Аеродром. е доставен како „дополнителна точка на дневен ред, на шверцерски начин“, непосредно пред седницата.
Спорниот ДУП беше ставен три пати на јавна анкета.
Околу 230 анкетни листови доставија жителите на Лисиче до Општина Аеродром на вториот повик, по жестокиот отпор од тамошното население и протестите поради првичниот план за изградба на 11 висококатници по должина на булеварот „Србија“ и улицата „12. Македонска бригада“.
Предлог ДУП-от за Лисиче ЈИ 09.01, по трет пат на јавна анкета. се најде во 2023 година на 10.08. и траеше до,16.08. во периодот на годишни одмори.
Во август минатата година Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром истакна дека Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги излажаа граѓаните. Очигледно Муцунски нема намера да се откаже од намерата за изградба на највисоката висококатница, за која е предвидено да брои 12 ката, односно приземје, 10 ката и поткровје, рече Ристески.
Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, тогаш посочи дека на локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче не станува збор за изградба на стотици згради и наводно некакво „бетонирање“, напротив станува збор за детален урбанистички план кој подразбира изградба на околу 95% објекти и за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради, ДУП кој за првпат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче.
Ј. Ѓ.