Државната комисија за спречување на коруцијата (ДКСК) оформила предмет по допрен глас за патувањето на синот на премиерот Христијан Мицкоски во Вашингтон.
Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска во изјава за МИА вели дека е оформен предмет по сопствено наоѓање од написи во медиумите. Димитровска рече тие веќе се обратиле до Генералниот секретаријат на Владата и побарале информација за тоа кој патувал заедно со премиерот во Вашингтон односно да потврдат дали синот на Мицкоски патувал со него на товар на буџетот и во која функција. Испратена е документацијата, а рокот за одговор на институциите, додадава таа, е 15 дена.
Опозициската СДСМ обвини дека синот на премиерот патувал со него во САД и бара да се објават приватните сметки од патувањето. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицкоски.
-Синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација во НАТО самитот. Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицокски. За разлика од времето кога премиерот на СДС Ковачевски ги донесе децата како членови на официјална делегација. Ако делегацијата сакала да сокрие нешто сигурно немаше да има фотографии од истата. Напротив се е транспарентно, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска преку соопштение ги отфрла тврдењата на СДСМ кои побара од премиерот Христијан Мицкоски да каже дали на државен трошок во САД и да ги објави приватните сметки за картата и трошоците за синот.
-Воедно, би сакале да ја информираме јавноста дека, делегацијата на Самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски не беше еден од членовите на делегацијата, иако претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството, се вели во реакцијата од Министерството.
Истовремено, информираат дека за патувањето на Јован Мицкоски не се потрошени средства од Буџетот на Република Северна Македонија.
Посочуваат дека за сите дополнителни информации, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува отворено за јавноста.