Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ги сподели своите размислувања во пресрет на денешниот меч (не пред 13.30ч.) од второто коло на тенискиот турнир на Олимпијадата во Париз против Србинот Новак Ѓоковиќ.
Во натпреварот од првото коло, Шпанецот го совлада Унгарецот Мартон Фучович во три сета – 6:1, 4:6, 6:4.
– Очигледно е прекрасно да се игра против еден од двата најголеми противници што ги имав во кариерата, особено на овој терен. Но, ситуациите за Ѓоковиќ и за мене се сосема различни. Тој е многу силен. Не бев многу конкурентен во последните две години, така што тој е веројатно изразит фаворит. Ќе се обидам да го покажам најдоброто од себе на теренот и да видиме до каде можам да одам и колку проблеми можам да му создадам, рече Надал.
За Надал и Ѓоковиќ ова ќе биде 60. директна пресметка. Во моментов, резултатот во личните натпревари е во корист на Србинот – 30:29. Последен пат тенисерите се сретнаа на Отвореното првенство на Франција во 2022 година.