Тимот на македонскиот пливач – 16 годишниот Никола Ѓуретановиќ, кој настапи на Олимписките игри во Париз, во објава на Фејсбук профилот на неговиот тренер Горан Стаменов, излезе со официјлно обраќање до македонската јавност .
Текстот од објавата го пренесуваме во целост
„Почитувана македонска јавност,
Поминува речиси една недела од трката на Никола Ѓуретановиќ на ОИ во Париз, но продолжуваат разните коментари и крититики кои навистина ги очекувавме, а за волја на вистината најголемиот број од нив беа пораки на поддршка од јавноста за кои сме навистина благодарни.
Она што исто така го очекувавме беше и нападот со ситење и ликување на голем број наши колеги во пливачкиот спорт каде владее атмосфера на завист, злоба и зла крв, но токму затоа почекавме со ова наше обраќање и согледување на реалните факти.
Да почнеме од сам почеток. На олимписката трка потфрливме и испливавме слаб резултат кој е далеку од очекуваното, иако очекувањата не ни беа преголеми бидејќи се работи за 16 годишнен пливач во конкуренција со сениори, анализиравме и сеуште анализираме. Силен психолошки товар од самиот настап, очекувањата на јавноста, медиумскиот притисок. Тремата си ја наплати цената. Бевме во одлична физичка форма за која многу изработевме и тоа ќе го докажеме за многу брзо, но во Париз погрешивме, не го заштитивме доволно Никола и кикснавме. Таков е спортот и процесот. Суров. Одиме понатака уште помотивирани.
Заслуживме критики и со нив се носиме достојно, бидејќи вистинската критиката ќе не однесе кон посакуваната цел и не бегаме од нападите на јавноста бидејќи јавноста мора секогаш да го бара најдоброто од нас, но и да го дава најдоброто од себе.
Да ги согледаме реалните факти за кои сметаме дека свесно и целно се игнорирани од страна на некои важни креатори на спортско јавно мислење.
Во вчерашната емисија на нашиот национален јавен сервис МТВ во емисијата “ Олиписки подиум “ од страна на професорката по пливање, Наташа Мешковска беа истакнати ставови околу настапот и подготовката на Никола со кои воопшто не се согласуваме, а во кои јасно гледаме отсуство на познавање на реалните факти во сериозниот тренажно – натпреварувачки процес на нашиот најдобар македонски пливач и тоа сериозно загрижува бидејќи доаѓа од професорка која е одговорна за катедрата пливање на нашата единствена стручна образовна пливачка институција.
Професорке, критикувавте зошто сме пратиле пливач на 16 години на ОИ без да знаете дека пливачот не го праќаме ние самоволно туку самата светска пливачка федерација согледува најдобар пливач со најмногу бодови на државно ниво и испраќа директна покана за учество со име и презиме на пливачот. Во вашиот коментар никаде не споменавте дека Никола е најдобар пливач во Македонија и како таков оди на олимписките игри. Оди по искуство кое многу ни значи, но првенствено оди целосно заслужено. Тоа требаше да го истакнувате, а не да го заборавате.
Професорке, споменавте дека вие и ваши колеги пливачи од ваше време сте пливале Б-норми за учество на олимписки игри и секоја чест, но заборавивте да споменете дека денес Никола на свои 16 години ги има испливно тие резултати и Б – норми од ваше време ( Атланта 1996, Сиднеј 2000 и Атина 2004 )
Заборавивте да споменете дека денес за разлика од ваша време, Б- нормата е многу блиска по резултат до А – нормата и со време кое денес не би го пливале ниту вие и вашите колеги пливачи од тоа време и покрај тоа што во ваше време имавте сериозен систем, федерација, држава, финансии, подготовки и се останато за разлика од тоа што има односно нема Никола. И тоа го заборавите.
Со фактите погоре паѓаат во вода и вашите коментари дека Македонија нема никаков соодветен тренерски кадар , а дополнително смешно е тоа да го кажува професорка на која со години назад би требало да и биде работа да создава баш такви кадри. Чуден но интересен факт е дека токму тие тренери кои исполнуваат норми и соборуваат рекорди не истакнале дека се ваши студенти. Вашите студенти работат чиста комерцијала – топење деца во вода и такви тренери ги имаме денес за извоз, но во вашата анализа тоа не е проблем на врвниот спорт.
Професорке, вие а и уште некои други спортски колеги се дрзнавте да ја коментирате физичката форма на Никола без да знаете што и како изработи Никола и колку е во моментов подготвен, но за тоа ќе се докажуваме на базен за брзо време кога ќе се вратиме на трките бидејќи ние сите сме спортисти и борбата ни е во генот.
За крај, Никола е пливач на 16 години кој има соборено 26 национални рекорди во кадетска, младинска и сениорска конкуренција, пливач кој е меѓу 5 до 8 пливачи во Европа на своја возраст, пливач кој доправа ќе плива и ќе се докажува на европска и светска сцена, пливач за кој не ни се потребни сожалувања и лажни поддршки туку системска поддршка на процесот во кој само ние знаеме како се бориме и како го менаџираме. После сите овие случувања таа поддршка од сите вас ќе ја бараме и очекуваме уште посилно.
ПАРИЗ 2024 ЌЕ БИДЕ ЕДНА ГОЛЕМА ОТСКОЧНА ДАСКА ВО КАРИЕРАТА НА НИКОЛА. ТОА ВИ ГО ВЕТУВАМЕ НИЕ И НИКОЛА ВО ОЧИ ДЕНОТ НА РЕПУБЛИКАТА!
СО ГОСПОД НАПРЕД ЗА МАКЕДОНИЈА!
Спортски поздрав и честит Илинден, Македонијо!“