Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
(превод од оригиналот објавен во CIVIL.TODAY, 12.8.2024)
Лажните пропагандни наративи и дезинформациите се моќни алатки кои придонесуваат за масовна измама и ерозија на вистината, обликувајќи го јавното мислење во општествата кои стануваат жртви на искривена реалност. Ајде да истражиме како овие тактики – употребени од личности како Трамп, Путин и Орбан – се користат на глобално ниво и нивното длабоко влијание врз демократските процеси и општествените перцепции.
Најновиот лажен пропаганден наратив од кампот на Трамп може да послужи како уште еден пример за тоа како функционираат дезинформациите. Трамп и неговиот тим лажно тврдат дека сликата на толпата собрана на аеродромот во Мичиген за да ја поддржи потпретседателката Камала Харис е измислена.
„Кај авионот немаше никој“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Вистина“ (Truth). Тој тврди дека сликата е генерирана од вештачка интелигенција, бесрамно изјавувајќи со капс-лок букви: „ТИЕ НЕ ПОСТОЈАТ!“ Трамп во својот пост како да извикува: „Нејзе НИКОЈ не ја чекаше, а ‘толпата’ изгледаше како брои 10.000 луѓе!“ Тој оди уште подалеку, обвинувајќи ги демократите за мамење и тврдејќи дека „таа треба да биде дисквалификувана бидејќи создавањето лажна слика е МЕШАЊЕ ВО ИЗБОРИТЕ“. И сето тоа во само една објава на социјалните мрежи.
Овој наратив опстојува, без оглед на фактот што овие лажни тврдења беа разоткриени со безброј фото и видео извештаи од релевантни и професионални медиуми, како и објави од присутните. Додека се обидуваше да ја поткопа кампањата на Камала Харис, очигледно разгневен од бројноста на посетителите на нејзините настани, Трамп, исто така, лажно ја спореди големината на неговата толпа од 6 јануари со публиката на Мартин Лутер Кинг кога го одржа славниот говор „Јас имам еден сон“. Оваа споредба го открива поширокиот наратив на Трамп, според кој злогласните бунтовници од 6 јануари се прикажани како патриоти.
@skynews #DonaldTrump falsely compares the size of a #crowd at a 2021 #speech to that of #MartinLutherKing‘s #USElection #UnitesStates ♬ original sound – Sky News
Како што копаме подлабоко во тоа како функционираат лажните наративи и дезинформации, станува очигледно дека овие тактики не се ограничени на еден регион или тема. Од политички лидери до медиуми, манипулацијата со вистината стана широко распространета појава со значителни последици.
Да, тоа е универзална појава!
Ликови како Трамп може да се најдат на секој агол на светот. Нивните лажни тврдења и пропаганда често ја напаѓаат самата суштина на фактите, целосно искривувајќи ја реалноста и вистината. Целта на овие практики е да се убедат луѓето дека постојат најмалку две различни „вистини“.
Ајде да погледнеме накратко во некои озлогласени лажни пропагандни тврдења. Путин, кој иницираше нацистичка инвазија на Украина, лажно го означува Зеленски како нацист, и покрај добро познатиот факт дека претседателот на Украина има еврејско потекло. Во меѓувреме, Русија е агресор што врши безброј воени злосторства, води геноцидна војна и влезе во долготрајна хибридна војна против Западот. Сепак, Кремљ опстојува на наративот дека Украина е управувана од нацисти, тврдејќи дека Русија спроведува денацификација и само се брани од Украина и НАТО.
Во Унгарија, владата на Виктор Орбан, меѓу многуте други илиберални тактики, шири лажни наративи за Џорџ Сорос[1], прикажувајќи го како мозокот што стои зад имиграциските бранови, поттикнувајќи ја на тој начин ксенофобијата и омразата во земјата. Во јуни 2018 година, унгарскиот парламент го усвои таканаречениот закон „Стоп Сорос“, со кој беше забрането помагањето на илегалните имигранти да побараат азил и да аплицираат за престој во земјата. Меѓутоа, во ноември истата година, Орбан му даде политички азил на Никола Груевски, поранешниот премиер на Северна Македонија, кој до ден-денес останува бегалец од правдата. Слични пропагандни наративи може да се најдат и во други европски земји, вклучително и во Северна Македонија и другите нации од Западен Балкан[2], како и во САД.
Во Турција, претседателот Реџеп Тајип Ердоган користеше лажни наративи за да ја консолидира моќта[3]. По неуспешниот обид за пуч во 2016 година, Ердоган собори илјадници владини претставници, академици и новинари, означувајќи ги како терористи без докази. Многумина завршија во затвори. Ердоган лажно тврдеше дека тие биле дел од огромен заговор организиран од неговите политички ривали, вклучително и Фетула Ѓулен, наспроти целосниот недостаток на веродостојни докази.
На Филипините, поранешниот претседател Родриго Дутерте често шири дезинформации за да ја оправда својата брутална војна против дрогата[4]. Тој го преувеличи бројот на зависници од дрога и криминализира цели заедници, тврдејќи дека се преплавени со дилери на дрога. Неговата реторика доведе до илјадници вонсудски убиства, кои подоцна беа окарактеризирани како неопходни за националната безбедност. Според годишниот Извештај на Хјуман Рајтс Воч за 2018 година, „војната против дрогата“ на Дутерте резултираше со смрт на повеќе од 12.000 Филипинци, главно од урбаните сиромашни заедници. Најмалку 2.555 од овие убиства ѝ се припишуваат на филипинската национална полиција.
Во Индија, администрацијата на премиерот Нарендра Моди шири лажни наративи за да поттикне екстремни националистички чувства[5]. За време на неговата изборна кампања во април 2024 година, тој постојано имаше исламофобични изјави, тврдејќи дека муслиманските имигранти се закана за безбедноста и културата на Индија, што предизвика широко распространета омраза и насилни инциденти. Тоа, исто така, водеше кон воведување заострени мерки и политики како што е носење на измени во Законот за државјанство.
Испитувањето на лажните пропагандни наративи и дезинформации низ светот ја открива нивната моќ да ја разнишаат довербата и да ја обликуваат јавната перцепција во корист на агресивните авторитарни структури. Додека демократските и прогресивните сили работат на соочување со овие предизвици, станува јасно дека разбирањето на нивното влијание и на национално и на глобално ниво, како и нивната меѓусебна поврзаност, е од клучно значење за заштита на демократските вредности и промовирање информиран јавен дискурс.
Овие примери илустрираат вознемирувачки тренд: употребата на вештачка интелигенција за создавање и дистрибуција на лажна пропаганда и дезинформации станува значаен предизвик за изборите и демократските процеси.
Колку е побезобразна лагата, толку повеќе се чини дека добива на сила, предизвикувајќи фрикции и поларизација.
Целта не е само да се оспорат фактите, туку и да се создаде една сосема поинаква реалност, каде што вистината станува прашање на личното мислење, а фактите се податливи на менување и замаглување. Тоа е точката од каде што авторитарните лидери кои, заедно со корумпираните, милитантни и агресивни сили, се обидуваат да добијат предност во битката за заробување на умовите и душите на луѓето.