„На 25.08.2024 година во 10.30 часот на Граничниот премин Деве Баир, на влез во Република Северна Македонија се пријавил Д.Д. 43 години од Скопје и при редовната пасошка контрола е констатирано дека евидира на стоп листата со мерка „лиши од слобода“ за кривично дело по член 313 од Кривичниот законик за кој од страна на Основен суд Скопје 1 на 18.12.2017 е одредена мерка притвор, по што лицето е лишено од слобода“, се информираат од МВР.
Како што објавија повеќе медиуми станува збор за Дејан Давидовски Дешо кој по седумгодишно бегство се предал на граничниот премин Деве Баир при влез во Македонија од Бугарија. Од снимките се гледа дека на македонската граница Давидовски бил пречекан од адвокатите Тони Менкиновски и Ване Андреев. Откако ја премина границата тој се прекрсти и ја бакна земјата по што ги предаде документите на пасошката контрола.
Давидовски беше осуден за случајот со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, а беше баран со меѓународна потерница како осомничен за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
На 12 април 2019 година, шведските власти постапувајќи по меѓународната потерница издадена преку Интерпол го уапсија Давидовски. Нему му беше одреден екстрадициски притвор во оваа скандинавска земја, но тамошниот Врховен суд одлучи да го одбие барањето на македонските власти за екстрадиција и го пушти на слобода.
Појавувањето на Давидовски на граничниот премин „Деве Баир“, како што потсетува „360 степени“, се случува два месеца откако на власт во земјава е ВМРО-ДПМНЕ. На митинзите што оваа партија ги држеше за време на изборната кампања често можеше да се слушне реторика дека обвинетите за „27 април“ се неправедно осудени.
Претседателка на државата Гордана Сиљановска-Давкова како кандидат за функцијата поддржан од ВМРО-ДПМНЕ уште на вториот ден од изборната кампања за првиот круг од претседателските избори на митинг во Струга рече дека доколку дојде на позицијата претседател на државата, ќе ги помилува осудените за „27 април“.
Минатиот месец, ТВ Телма повикувајќи се на свои извори објави дека новиот в.д. директор на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, одобрил повеќе барања за привремен прекин на затворска казна за осуденици од случајот „27 април“ за упадот во Собранието.