Во Редакција Фронтлајн пристигна демант од телекомуникациската компанија МТЕЛ, во која остро и категорично се демантираат ставовите изнесени во текстот со наслов „Кинеското влијание во Северна Македонија“, како и видеото „Зошто Кина не е тема за медиумите во Северна Македонија?“ Написите првично се објавени на „Гласот на Америка“ на македонски јазик, а преземени од Фронтлајн.
Демантот го пренесуваме во целост:
Ви пишуваме во врска со текст во вашиот ценет медиум со наслов „Кинеското влијание во Северна Македонија“, како и видеото „Зошто Кина не е тема за медиумите во Северна Македонија?“, објавени на 24 септември 2024 година кои ја содржат изјавата на г-дин Џабир Дерала, основач и главен уредник на медиумската платформа ЦИВИЛ.
Во контекст на тезите наведени во текстот, сакаме да нагласиме дека МТЕЛ не поседува своја телекомуникациска инфраструктура во земјава, туку работи како виртуелен оператор, што значи дека изнајмува телекомуникациска инфраструктура од други оператори.
Во оваа насока, најостро ги демантираме сите изјави во текстот во врска со споменувањето на МТЕЛ Северна Македонија во контекст на работењето на кинеските компании во земјата.
МТЕЛ Северна Македонија работи целосно во согласност со законите на Република Северна Македонија, како и во согласност со најдобрата глобална корпоративна практика.
Компанијата одржува транспарентен однос со регулаторните тела и нејзините клиенти. Секоја инсинуација за спротивното е неоснована и неточна и ја поткопува довербата што ја изградивме кај јавноста, институциите и корисниците. МТЕЛ е фокусиран исклучиво на обезбедување на телекомуникациски услуги и од влегувањето на македонскиот пазар е посветен на подобрување на телекомуникацискиот сектор преку воведување конкурентни услуги приспособени на корисниците, со што придонесува за локалната економија и овозможува поширок избор на пазарот.
Затоа, тврдењата во написот се целосно неосновани и погрешни.
Во согласност со етичкото новинарство и стандардите за фер известување, бараме овој демант да се објави видно во вашите медиуми и секоја неточна или погрешна информација да се коригира за точно да ги одрази фактите.
Ја цениме вашата соработка и очекуваме да го објавите нашиот одговор.