Во организација на Здружението „Арт генератор“, во Велес започнува третото издание на фестивалот на „Џез, ворлд и современа музика“.
Како што информираат од Здружението, програмата ќе биде распоредена во седум фестивалски денови од 29 септември до 27 октомври, каде ќе настапат артисти од Франција, Германија, Финска, Грција, Австралија и Македонија.
Отворањето на Фестивалот ќе биде во Спомен костурницата во Велес со почеток од 20 часот, каде ќе настапат „James Wylie“ и „Egli Katsiki“, додека по завршување на перфорамсот во „Europe House“ Велес, ќе настапат Влатко и Лемпи.
Втората фестивалска вечер ќе биде на 9 октомври со промоција на книга на Александра Спасеска, додека на 18 октомври публиката ќе има можност да го проследи перформансот на „Antez“, со кој следниот ден на малата сцена во Театарот Ј.Х.К Џинот – Велес ќе има работилница.
На 25 октомври на големата сцена во Театар Ј.Х.К Џинот – Велес концерт ќе одржат „Third World Quartet“, „Zoe’s Shanghai“, „The Hatchetations“, додека следниот ден, исто така на големата сцена во Театарот, публиката ќе има можност да ги проследи Филип Динев/Мартин Ѓаконовски дуо и Калата. Затворањето на Фестивалот ќе биде на 27 октомври со концерти на „Lufthansa“ и Данчо Саздов/ТДР.