Наместо згради и трговски центар, во струмичката касарна на површина од 40.000 метри квадратни наскоро ќе никне преубавиот парк „11 Октомври“, објави денеска градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој на својот профил го објави и идејното решение за овој парк.
Новиот парк се гради кај новата Детска градинка „Виножито“, поделен на два дела, хортикултурно уреден, со пешачки, велосипедски и патеки за џогирање, како и детско игралиште на површина од 15.000 метри квадратни.
Инаку, средствата за подигање на новиот парк се обезбедени од општината и од Интеррег ИПА програмата меѓу нашата земја и Бугарија. Зедно со бугарската општина Петрич, Струмица аплицираше за добивање на неповратни финансиски средства во износ од околу половина милион евра од отворениот повик за инвестициски проекти од Интеррег ИПА програмата меѓу Северна Македонија и Бугарија за уредување на новиот парк во населбата „Карпош“.
Со добиените пари Општина Струмица ќе изврши подготовка на земјата, поставување на систем за наводнување, засадување на садници, поплочување на зони за движење на посетители, уредување на зони за рекреација, инсталација на опрема за декоративно и парково осветлување, поставување на клупи и друга урбана опрема.