Пишува: БИЉАНА ЈОРДАНОВСКА
На Владата и нејзините министри, вклучително и премиерот, им беа потребни повеќе од недела дена да дадат целосен отчет за сработеното, од ветеното на парламентарните избори, во првите 100 дена власт. ЦивилМедиа одлучи 100-те дена на владата на Мицкоски да ги покрие од поинаква перспектива, не политичка, туку онаа на експертите, аналитичарите, колумнистите и опозиционерите. Се разбира, како редакција, давајќи и сопствен осврт за владините политики и нивното влијание на севкупната општествено-политичка состојба во државата.
За почеток, како се калеше Владата?
ВМРО-ДПМНЕ својот период во опозиција го искористи и за водење анти-ДУИ кампања, засилувајќи го уште повеќе наративот во предизборната трка, кога со силен „проевропски дух“ коалицијата ВЛЕН и движењето ЗНАМ изборно заговараа Влада без ДУИ.
Иако, декларативната определба за ЕУ – без Бугарите во Уставот, ги приклони ЗНАМ кон ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН, без отстапки од еворинтеграциите и уставните измени, се приклони кон изборниот победник, водена од идејата дека тоа е новиот албански блок кој, без ДУИ, ќе внесе промени кон подобро за Албанците во Северна Македонија, како и за евроинтеграциските процеси на земјата.
ДУИ, од своја страна, со одлуката да прави „Европски фронт“ надвор од „Европската иднина“ на СДСМ, го поттурна коалицирањето на ВЛЕН со ВМРО-ДПМНЕ; доволно за формирање Влада, со што, на некој начин, ги внесе и ЗНАМ во парламент со 6 пратенички места.
Сепак, новата „надеж“ за Албанците не секогаш имаше координирани ставови со коалицискиот партнер, па не случајно за неколку прашања се фатија во костец, колку да се покажат вистинските лица и на едните и на другите (повеќе: 100 ДЕНА ВЛАДА: Како се калеше Владата – коалициски пресметки во „наша“ Македонија, ЦивилМедиа, 2 октомври 2024).
Како за пример, ВЛЕН и ЗНАМ се фатија во клинч и за балансерот што не вроди со плод, ниту пак нешто смени во однос на ВМРО-ДПМНЕ и неговите планови како за балансерот, а истото се случи и за Законот за бранители. ВЛЕН најави дека ќе излезе од владата ако се изгласа законот. Мицкоски им посака среќа, тие возвратија со иста мера. А потоа почнаа со помирливи изјави.
Членството во ЕУ пред колапс
Отчетот од 100-дневното владеење и успехот што требаше да се покаже, со оглед на „тешката состојба“ што ја наследила ВМРО-ДПМНЕ од претходната власт, го засени одвојувањето на Албанија од Северна Македонија и почетокот на преговорите за членство во ЕУ.
Реакцијата на Мицкоски беше дека издвојувањето на Албанија не значи и нејзино брзо членство во Унијата, а со ваквите потези ЕУ во континуитет покажува неправедност кон нас. Определбата на ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ, но не по цена да се коленичи или народот македонски да биде заложник на билатерални проблеми и барања. Познати наративи.
Или, како што пишува и Џабир Дерала во својата колумна „Мицкоски ги исполнува ветувањата: Напред кон минатото!“, тој ѝ нуди „европски пристап“ на ЕУ и ги дисквалификува напорите на Брисел во чија политика се слеани позициите на 27 држави членки (!), отпишувајќи ги како „диктат“ на кој му вели НЕ, БЛАГОДАРАМ.
Коалицискиот партнер ВЛЕН ги оправда ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ги СДСМ и ДУИ за ваквиот „неуспех“. Сепак, има и поинаков поглед на тоа – всушност, се работи за стратешко саботирање токму од власта во однос на започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, со водење надворешна политика за задоволување на внатрешните пориви на гласачкото тело и сопствените амбиции за моќ и долгогодишно владеење врзувајќи се со Орбан и Кина.
„ВМРО-ДПМНЕ за 100 дена ја закопа европската иднина на државата и ја остави државата на дното на Балканот. Ниту понуди јасен пат како напред, ниту понуди алтернатива. Мицкоски одлучи еднострано да ги прекине преговорите со унијата како државата да е негова своина. Тој нема ниту мандат ниту право тоа да го прави“, предупреди Венко Филипче на прес-конференција во име на СДСМ како оценка на 100 дена владеење на Мицкоски.
Оценка за власта дадоа и други партии. Така, Џелал Хоџиќ, вели дека јасно е дека нема европски интеграции, има нови караници со Грција и Бугарија.
„Уште повеќе ме загрижува тоа што на Бугарија ѝ се дава поголема важност одошто на Унијата, од првите 100 дена нова Влада, јасно е дека нема европски интеграции, има нови караници со Грција и Бугарија, наместо САД нов стратешки партнер ни е авторитарната власт на Орбан, а остануваме сами во срушениот проект на Опен Балкан со Србија“, е ставот на претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ.
И новата политичка партија АВАЈА даде негативна оцена за првите 100 дена влада на Мицкоски.
„Oстануваме во стагнација поради неразрешени спорови со соседите, што е пак потенцијал за длабоки општествени поделености. Тоа дополнително ги загрозува условите за маргинализираните заедници, вклучувајќи ги и Ромите. Се намалува фокусот на инклузивноста и соработката“, изјави Акиф Кариман, лидер на политичката партија АВАЈА
Според експертите и политичките аналитичари, со ваквото водење на надворешната политика, приказната за ЕУ многу брзо ќе заврши.
„Она што најмногу загрижува е тоа што новата Влада преку својата комуникација и постапки ‘успеа’ да нè оддалечи од членството во ЕУ и да отвори повеќе теми со кои придонесе за продлабочување на етничката поларизација во земјата, како темите за наводна дестабилизација на државата, ‘балансерот’, закон за јазици, итн.“, изјави новинарот и граѓански активист Петрит Сарачини.
Според Роберт Алаѓозовски, публицист и поранешен национален координатор за интеркултурализам, „владата го почна мандатот трампаво, помпезно и исклучително опасно“.
„Тектонски ја измести надворешната политика, единственото поглавје каде што во евроинтеграцискиот извештај имавме чиста десетка“, изјави Алаѓозовски за ЦивилМедиа.
За универзитетската професорка Катерина Колозова државата „лебди во место без јасна геополитичка насока или подобро речено – без компас“.
Професорката Ана Чупеска смета дека „коалицијата на власт, наместо да ги подобри, ги влошува односите со соседите и со Унијата“.
„Првиот неуспех на владата е одвојувањето на Албанија на патот кон ЕУ. Ставовите на Мицковски на средбите во странство се најдобар показател за ориентацијата на новата влада. Тие ја презедоа улогата на диригент, а не на еден од членовите на Европската филхармонија. Овој пристап на новата влада, мислам дека нема да биде успешен. Долгот од Унгарија и посетата на Орбан, односите со Бугарија и Грција, но и официјалниот пристап на Тирана, се првите плодови на новата политика во Скопје, политичкиот аналитичар Дритон Зенку.
Да заклучиме, патот кон иднината ни го трасираат: „политичките манипулации, национализмот и популизмот опасно ја поткопуваат довербата на јавноста во демократските процеси. Ова е време кога граѓанките и граѓаните се повеќе од повикани да се ангажираат во потрага по фактите“, или ако што вели Џабир Дерала во „ДИКТАТ ИЛИ МАНИПУЛАЦИЈА: Политичката измама и блокадите на европскиот пат на Северна Македонија“, суштинска е потребата и ЕУ да остане цврста во својата поддршка за демократската отпорност во регионот.
Економија – од кај дува ветерот?
„Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Работиме на враќање на долговите, затворање на задолженоста на институциите и јавните претпријатија и имплементација на конкретни мерки во даночната и социјалната политика. Подготвуваме и екипиравме институции, договараме инвестиции кои се значајни за нашата економија и кои ќе отворат многу нови работни места, и работевме и подготвуваме стотици нови проекти“, изјави Христијан Мицкоски во својата беседа за 100 дена напорна работа на Владата откако тој е премиер.
Унгарски заем
Првиот подвиг на Мицкоски, мислејќи и добро на „своја“ Македонија беше унгарскиот заем од 500 милиони евра од Унгарија, средства за кои се тврдеше дека Унгарија ги зела од Кина.
За Соња Танеска, новинарка и економска експертка, заемот што утре министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска ќе го потпише во Будимпешта, ја алармира ЕУ која може да прекине финансиска поддршка за околу 120 проекти.
„Истовремено, постои сериозна опасност Македонија да изгуби финансиска поддршка за над 120 ЕУ проекти, како резултат на стопирањето на Коридорот 8, кој е од витална стратешка важност за државата. Владата, пак, го фаворизира Коридорот 10, што е од поголем интерес за Унгарија и Кина, со цел подобра поврзаност со грчките пристаништа под кинеска контрола“, вели Танеска.
За да се олесни целата процедура, по скратен постапка во Собранието беше изгласан Закон за кредит од Унгарија. Македонија ќе се задолжи од унгарската експорт Импорт банка, а според текстот на законот ќе треба да плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од Унгарската банка. Провизијата од 70.000 евра за правни услуги ќе се плати пред повлекување на првите пари од Ексим банката. Парите од кредитната линија се обезбедуваат со камата од 3,25 отсто, 15 години отплата и 3 години грејс-период. Ова практично значи дека кредитот ќе се отплаќа до 2039 година.
250 милиони евра за општините
Владата ќе им даде 250 милиони евра на општините за реализација на проекти, меѓутоа парите нема да им ги префрли во општинската каса, туку директно ќе им ги исплаќа на фирмите изведувачи. Или половина од заемот од 500 милиони унгарски заем. Распределбата на овие 250 милиони евра нема да биде рамноправна и ќе зависи од проeкт до проект, од општина до општина.
ЦивилМедиа ги праша граѓанките и граѓаните за нивно мислење, а тие оценија дека или се работи за корупција или за добра тактика пред локалните избори следната година.
5.000 денари за пензионерите
Измените во Законот за пензиско и инвалидско осигурување предвидува усогласувањето на пензиите да биде линеарно , а не процентуално. Пензионерите со септемвриската пензија земаа 2.500 денари, а во март ќе земат уште 2.500 денари.
„Популистичките мерки за зголемување на пензиите, иако краткорочно популарни, претставуваат сериозен фискален ризик и ќе предизвикаат големи дефицити во државниот буџет во случајот над 200 милиони евра, вели Соња Танеска.
За политичкиот аналитичар, Љубомир Костовски, ваквата владина мерка, делењето на пензиите, ветено како линеарни 5.000 денари по корисник, па поделено на две календарски години: „просто насочува дека се настојувало да се предизвикаат два ефекти. Првата за одбележувањето на 100-те денови на Владата, а втората пред почнување на кампањата за новите локални избори“
Костовски во својата анализа „100 ДЕНА ВЛАДА: Горчливата жетва на ветувањата“ го поставува прашањето што се доби со првата исплата на пензиите.
„Дека на Фондот за ПИОМ му се неопходни сериозни реформи укажаа и голем дел од економистите. Според нив, линеарното усогласување на пензиите не е ниту праведно ниту правично решение, бидејќи ќе донесе зголемен дефицит во Фондот за ПИОМ, зголемување на старосната граница за пензионирање и зголемување на придонесот за пензиско осигурување. Во услови на стареење на населението и масовно иселување, на среден рок тие сметаат дека ќе се доведе во прашање и одржливоста на Фондот за ПИОМ бидејќи нема да има работници кои ќе го полнат буџетот, а со тоа и неможност за исплата на пензиите. Значи, вработените треба да се подготват подоцна да одат во пензија, а сегашните пензионери би требало да ги проверуваат сметките во банка секој месец. Пензиите може да почнат со доцнење, а потоа…“, пишува Љубомир Костовски за ЦивилМедиа.
Есенска кошница за сиромашните
На 24 септември стапи на сила Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат видови и количества на одделни стоки на потрошувачите.
Цените на 73 прехранбени производи, кои се дел од есенската потрошувачка кошница, треба да бидат пониски до 31 октомври, а производите вклучени во оваа кошница, треба да бидат јасно обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Во одлуката стои дека највисоката бруто профитна маржа за стоките за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува во вкупен износ до 10% во трговијата на големо и во вкупен износ до 10% во трговијата на мало.
Во својот отчет за 100 дена Влада, министерот за економија Бесар Дурмиши изјави дека првичните анализи од терен, кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5 до 10 проценти, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема како кај лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи е значително поголемо како кај месото, зеленчукот, сирењето и кашкавалот. Исто така, едно четиричлено семејство, на месечно ниво би имало заштедата од 690 ден до 1.360 денари во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети каде што се набавуваат производите.
Иако есенската кошница се најавуваше како помош на граѓаните, на крајот најзадоволни излегоа трговците. Одлуката за есенската кошница доцнеше поради чекањето: „производителите, трговците и Владата ќе разговараат за да се најде најдобриот начин да им се помогне на граѓаните, но и да биде задоволна и другата страна во однос на намалувањето на цените на прехранбените продукти“, како што изјави Мицкоски.
Тоа им даде доволно време на трговците да ги качат цените пред да се усвои одлуката.
„Првите 100 дена од мандатот на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ се карактеризираат со сериозни економски пропусти и неодржливи политики. И покрај навестувањата за ‘есенска кошница’, цените на основните производи речиси и да не претрпеа значајни корекции“, оценува Танеска.
100 дневен билтен на МВР – убиства и обиди за убиства
„Во период од само 100 дена има повеќе убиства и обиди за убиства со огнено оружје и за жал малку од нив имаат разрешница“, пишува Дехран Муратов во анализата „100 ДЕНА ВЛАДА: Од лопати и дестабилизација, до нарушена безбедност и – НЕ, благодарам!“.
Во својата анализа Муратов, наведува над 10 случаи на убиства, ликвидации, обиди за убиства, пукања, пресметки. Дополнително летото го одбележаа и повеќе случаи на опожарени возила на инспектори, полициски службеници, поранешни или сегашни началници, командир и соработник на градоначалничката на Град Скопје.
Според сознанијата, како што наведува и Муратов, ниту еден од овие случаи нема целосна разрешница.
Од друга страна, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во својот отчет зборуваше за „зголемено присуство на полицијата, побезбедни граѓани“-мотото под кое министерството работи за обезбедување на граѓаните како на Скопје така и на државата со цел доведување на безбедносната состојба на ниво на кое е задоволителна.
„Граѓаните на државата, а посебно на Скопје се сведоци на унапредување на безбедносната состојба во изминатиот период“, вели Тошковски.
СДСМ во континуитет бара оставка од Тошковски.
Национализам и дестабилизација
Мицкоски и Тошковски информираа дека од одредени кругови ќе има обид за дестабилизирање на државата оваа есен, по што веднаш нè смирија дека не треба да бидеме загрижени за безбедносната состојба во Македонија, или што би рекол еден нивен сопартиец – „Држава сме, контролираме!“. Како што вели Муратов, еден мал обид за дестабилизација, односно обидот за создавање меѓуетнички и меѓурелигиски тензии околу случајот со црквата Св. Петка во госитварско ги поттикна политичките партии (власта и опозицијата) да си ја префрлуваат топката за тоа кој сака да предизвика дестабилизација.
„Сето она кое сме го говореле во минатото од аспект на обиди, видовме дел од нив во овие месец дена, од аспект на обиди за подгревање меѓуетнички тензии, дека се реалност. Соодветно одговоривме, соодветно ќе одговориме и во иднина“, рече министерот Тошковски.
За универзитетскиот професор Башким Селмани изборниот национализам под закрила на „Македонија ја враќаме на Македонците“, ВМРО-ДПМНЕ го институционализираше.
Приказните на ВМРО-ДПМНЕ за обидот на ДУИ за дестабилизација оваа есен ги поддржа и ВЛЕН, а „во игра“ се поранешни функционери со огромна сум пари кои мобилизираат на терен за да предизвикаат етнички конфликт.
Лидерот на ДУИ, од своја страна, потврди дека се креираат сценарија за дестабилизација од Владата, за да ги обвини нив како креатори. СДСМ оцени дека се работи за договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ затоа што во политичка смисла и на двете партии им одговара меѓуетнички конфликт и дестабилизација.
Што понатаму?
Во отчетите на 100 дена владеење на кој било сектор, освен триумфализам изразен низ „грижата за граѓаните“, нивниот животен стандард, безбедност, сигурнирност во работата, пензии, здравство, не се остави простор за самокритика. Напротив, она што не се постигнало е поради хаосот оставен од претходната власт, ама години има пред нив, сè ќе се реши.
Чекори назад по патот на ЕУ, тоа друг е виновен, ама и ЕУ не е фер. А дека е во интерес на граѓаните неспорно е – се брани македонскиот иденитет. Ама само македонскиот. Не се тие виновни што на листата на загрозувачи се нашле Бугарите. И за тоа е виновна претходната власт.
Претходната власт оспори скоро сè што беше значајно и сè за што беше обвинета.
И така ќе продолжи. Локалните избори следната година ќе биде мерење на силите. 250 милиони евра за општините е добар и легален начин за купопродажба на лојалност и гласови. Ќе треба да се презими, да се преживее (ризици: пукања, убиства, безбедност во сообраќајот, што ќе се случи ако падне снег?!), да се штеди (се очекува поскапување на струјата), а во меѓувреме и да се политизира колку тоа Владата уште се оправува од претходната власт, па мора да се задолжува, раздолжува, да крати (најчесто на сметка на граѓаните).
А напролет, да ни се живи и здрави пенизонерите, ќе живееме на нивен грб со дополнителните 2.500 денари.
Извор: ЦивилМедиа