Партиски препукувања за автопатот Кичево-Охрид, помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО ДПМНЕ ги обвинуваат СДСМ за како што велат „местење тендери“, а СДСМ кои го наследија проектот на автопатот што го потпиша влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека проектот бил„фушерски“ така што голем дел од трасата требало да се репроектира.
– За да одиме напред, мора да имаме информации за минатото, поточно што ни остави владата на СДС. Руинирани институции кои тонат поради корупција и криминал е состојбата која ја остави владата на СДС и ДУИ. Дека единствен приоритет на претходната владата на СДС и ДУИ и бил сомнителни тендери, се гледа и од тендерот за автопатот Кичево-Охрид, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактите говорат дека на ДУИ и СДС приоритет им било местење на тендери, а не капитални инвестиции и изградба на инфраструктура. Ова го потврдува Извештајот на Државниот завод за ревизија. Автопатот Кичево-Охрид, иако проектиран колку ќе чини, наеднаш станал поскап за 200 милиони евра и тоа без никакви детали. Или кога станува збор местење тендери, ова е случај во најголем број од нив. Одлика на тендерите на Владата на СДС и ДУИ е одложена изведба и зголемени трошоци, со што се оптеретувал државниот буџет“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пак, велат дека токму заради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, автопатот чини толку.
Кичево-Охрид е класичен пример како не треба да се проектира и не смее да се започне со изградба голем инфраструктурен проект, реагираат од СДСМ на објавата од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму прецизираат дека „се работи за анекс кој е направен во 2018 година токму поради неспособноста и фушерајот со кој Дпмне го започна овој проект во 2014 година без анализа на терен и лоши технички решенија’.
„Затоа владата на СДСМ како одговорна влада врз база на експертски мислења од надзорниот орган и фидик еспертите пристапи кон репроектирање на поголем дел од трасата со цел тој автопат да може да се реализира. Поради новите ископи од преку 10 милиони метри кубни земја и нови технички решенија се зголеми цената на чинење на проектот. Доколку не се случеа тие репроектирања дпмне немаше денеска да може да се фали со рокови за завршување на изградбата на тој автопат. Впрочем сите образложенија за нивните катастрофални грешки ги имаат и во ЈПДП, ДПМНЕ може слободно да ги побара“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Ј. Ѓ.