„Јон Вардар против Галаксијата“ – првиот македонски долгометражен анимиран филм беше прикажан во Бразил на 48. издание на престижниот фестивал „Мостра Сао Паоло“. Филмот во режија на Гоце Цветановски е дел од компетитивната програма во секцијата Нови режисери.
Македонскиот филм, како што најавува режисерот Цветановски, ќе има четири проекции во рамки на фестивалот кој годинава во својата програма ги вклучи и победниците на Кан, Берлинале, Венеција, Сан Себастијан и други врвни филмски фестивали.
Во изјава по повод учеството на фестивалот, Цветановски во Бразил изјави дека Сао Паоло има посебна енергија, и е милионски град со вибрантна културна сцена и развиена почит за уметноста.
-Самата номинација за најдобар филм и најдобар нов режисер е признание со кое целиот тим се гордее. Бразил е земја која одамна сонував да ја посетам, и се надевам дека ова е само прво од моите идни патешествија во Јужна Америка, рече Цветановски.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е најголемиот копродукциски проект на Балканот. Изработен е со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Станува збор за хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси.
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска, стои во соопштението.
Фото: Гоце Цветановски