Со скандалозни помилувања на криминалци и нарко босови од затвор и нивно пуштање на слобода ВМРО-ДПМНЕ го честиташе Денот на револуционерната борба, реагираат од СДСМ.
Оттаму истакнуваат дека „шокантните одлуки на ВМРО-ДПМНЕ кои ги спроведува Сиљановска Давкова ја занесуваат секоја церемонија денеска“.
„Додека Мицкоски внатре зборува за идеали, надвор се помилуваат нарко босови вклучени во криминални активности, трговија со дрога и оружје, вмешани во мафијашки пресметки. Ова е срам и погазување на идеалите на револуционерите од македонската револуционерна борба. Ова е директно загрозување на правната држава и охрабрување на криминалните структури. Неправда, наместо правда. Јасен сигнал дека криминалците се под заштита на власта и дека тие можат да продолжат да хараат по улиците, без никаква казна. Граѓаните со право ќе бидат загрижени за својата безбедност кога криминалци се пуштени на слобода благодарение на Давкова и ДПМНЕ. Што им должи ВМРО-ДПМНЕ на криминалците од нарко – кланот Барон, какви услуги им враќаат денеска? Длабоките врски на ВМРО-ДПМНЕ со криминалните структури и криминалното подземје се на виделина, никој не може да ги сокрие“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова помилувала десет осуденици. Покрај поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, помилувани се уште деветмина затвореници, а во одлуката објавена во „Службен весник“ не се наведени информации за кривичните дела.
Извршувањето на изречената казна им се заменува со условна осуда на осудените лица Акиф Равмановски од село Арачиново, во траење од една година и три месеци, на Никола Трпчески од Охрид, во траење од една година и на Шенол Маслани од Арачиново, во траење од шест месеци.
Делумно се ослободени Мухарем Али од Скопје, Тодор Попов од село Миравци, Томислав Симеонов, од Скопје, Перо Кузмановски од Градско, Живко Делиџаков од село Богородица, и Марјан Ефремов од Скопје, кој беше првообвинет во аферата „Шпион“.