Црвен крст на град Скопје од 18 до 24 ноември ја одбележува Неделата на грижа за стари лица, која се организира преку социјалната услуга „Центар за дневен престој за стари лица за активно стареење”.
Во рамките на неделата, се организираат повеќе активности и тоа: информативни пунктови – мерење на крвен притисок и гликемија во крвта на три локации во Скопје – автобуска постојка Зелен пазар, пазар Буњаковец и плоштад Сарај; фризерски и козметички услуги во Дневните центри за стари лица во ДХО „Даре Џамбаз“, ООЦК Чаир и Сарај во соработка со средното училиште СУГС „Димитар Влахов” и Малена козметикс. Же има и хуманитарен есенски базар во Веро Центар, посета и заедничко дружење со штитениците од Дом за стари лица „Мајка Тереза”, посета и предавање во Здружение на пензионери Шуто Оризари и Здружение на пензионери Карпош; посета на дневниот престој за стари лица во Чаир од страна на корисниците од Дневен престој за стари лица за активно стареење во Турново – Општинска организација Црвен крст – Струмица, соопшти Црвен крст на град Скопје.
Овие активности се поддржани од Град Скопје, Албиз Фондација и Министерство за социјална политика, демографија и млади. Целта на социјалната услуга е развој на вонинституционални форми на грижа за стари лица и промовирање на активното стареење. Преку програмата, во активностите се вклучени повеќе од 1.500 лица на месечна основа во дневни центри за стари лица.