– ВМРО-ДПМНЕ остро реагира и го осудува сквернавењето на македонското знаме кое се случи во текот на вчерашниот ден.
„Истовремено реагираме на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои веруваме дека има и политичка позадина и кои преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда. Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот. Kриминалните банди кои 20 години ги ограбија институциите и сите граѓани независно од етничката припадност, денес со овој однос покажаа дека за нив националните знамиња не се ништо друго освен обвивка со која мислат дека ќе избегнат кривична одговорност. Правдата доаѓа, а овие реакции се најголема потврда за нивниот страв. Ги повикуваме граѓаните, како и во минатото кога имало вакви обиди, да останат достоинствени и мудри бидејќи ова се само последни крици на еден криминален монструм кој ја понижи и ограби Македонија“, се истакнува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
За инцидентите претходно реагираше и СДСМ.
– СДСМ најостро ги осудува инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употребата на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме. Инцидентите во Скопје и други градови низ државата се апсолутно неприфатливи, претставуваат директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност и достоинството на Македонците, соопштуваат од СДСМ.
Оттаму наведуваат дека почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е темел на нашето заедничко општество, и секое однесување кое има за цел да предизвика поделби или тензии е спротивно на овие вредности.
„СДСМ бара од Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија. Безрезервното спроведување на законите е единствениот пат до зачувување на мирот, безбедноста и довербата меѓу сите граѓани. СДСМ повикува на смиреност и воздржаност од дополнителни провокации“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Претседателот на Движењето ЗНАМ и градоначалник на Куманово Максим Димитриевски го осуди, како што посочува непочитувањето на Законот за употреба на знамињата од страна на институции и органи и синоќешното уништување и сквернавење на државното и македонско знаме додека се славеше Денот на албанското знаме.
-Секогаш како човек сум го сакал своето, а почитувал туѓото! Денеска како човек но, и градоначалник на сите граѓани во Куманово од почит кон моите сограѓани од Албанската заедница го честитав Денот на албанското знаме, а воедно и во рамки на годишната програма за култура со едногласна одлука на советот беше подржан овој настан како и многу други во Куманово кои ги негуваат правата на етничките заедници. За жал тоа што денеска го видовме на многу места по државата, па и во мое Куманово особено вандалското однесување на поединци и групи, непочитување на законот за употреба на знамиња од страна на институции и органи и уништување и сквернавење на нашето државно и Македонско знаме е за секаква осуда, истакнува Димитриевски во пишана изјава за медиумите.
Со колони возила со развиорени знамиња на Албанија вчера низ скопските улици се славеше Денот на албанското знаме.
На неколку видеа објавени во медиумите се гледа како учесниците на овие прослави го сквернават македонското знаме.
Немам зборови… pic.twitter.com/A3bS1WU8KY
— Роберто Навали (@roberto_navali) November 28, 2024
Во центарот на градот забележително беше засилено полициско присуство.
Денот на албанското знаме беше одбележан и во други градови каде мнозинството граѓани се етнички Албанци.
Ј. Ѓ.