Пишува: ТИНА ИВАНОВА
Чувствувам за потребно колегијално и вака јавно и транспарентно, впрочем, како и секогаш, да ви се обратам и испочитувам.
Навидум, поводот е бизарен и всушност, е одраз на карактери, односно души, врз кои немам намера, ниту сакам едукативно да влијаам и да ги обликувам, зашто таквите состојби се кодно дефинирани и тука нема што да се додаде или да се одземе, ниту е возможно, па сепак, би сакала да ве информирам за следново:
Повеќемина од вас, од оркестарот и од целиот колектив ме прашувате зошто само мене ме нема во поводните видеа со изјави на сите досегашни живи директорки и директори и зошто, од кои причини и со чија храбра одлука сум изоставена од овој дел од одбележувањето на 80 годишниот јубилеј на Филхармонијата? Индикативно, зар не? Логично, нечија одлука и селекција мора да има, нели? Е па сега, ексклузивно и на наше заедничко задоволство, тука ќе ги повикам тие храбри, да се одважат пред целиот колектив и да го направат оној полесниот дел што останува, да го објаснат и потврдат својот храбар потег, односно зошто бев изоставена.
Да, зошто? Десетина дена чекав на одговорот од актуелниот директор. Одговор не добив. За ова можам да ви покажам и материјален доказ, за тоа дека и кога ја испратив пораката до истиот, доказ дека истата беше прочитана и доказ дека за истата не бев испочитувана ниту како човек, пред сè, ниту како колега, ниту пак како бивш раководител со оваа институција; впрочем, и не така бивш во споредба со направената селекција на раководители, зар не?
Вчера му се обратив лично.
Одговорот беше – „НЕМАМ одговор“.
Конечно, после толку време, фала Богу, ме испочитува, ме удостои како човек и како колега, ме погледна во очи и добив одговор. Одговорот беше – „НЕМАМ одговор“.
Па, добро. Ете и тоа е одговор. Негов одговор.
Ете, тоа нѝ се случува во колективот. Немање на одговори, кревање на раменици.
Па, еве, ќе го искористам овој наш заеднички интернет простор за комуникација и само накусо ќе потсетам. Ќе биде доволно. Белким тука можам и имам право, ако не можев и немав за да дадам изјава за моето „незначително”, „незабележително” и „кратко” раководење со институцијата. Затоа што, веројатно треба да постои барем нешто, на коешто хипотетички би се потпреле и повикале дури и оние што немаат одговор. Со овие придавки се обидувам да им помогнам, ама ете, дури ни јас самата не можам… Жал ми е.
Бев директорка на Македонската филхармонија во еден од, за државата, но и за институцијата, најкризните, ако не и најкризниот период од нејзиното постоење. Во ек на светска пандемија, во времето на Корона-19, кога Филхармонијата беше единствената активна културна институција во Македонија. Кога од сите страни јавноста ни возвраќаше со позитивни пораки, а нашите љубители беа на нашите редовни концерти. Во тие тмурни и траорни времиња, ние не им ја затворивме вратата и барем на тој начин, преку уметност, се обидувавме да си ја олесниме и себеси и на нив голготата којашто ја живеевме. Кога се соочував со милион притисоци од секаков карактер, за да ставам клуч на Филхармонија, како што ставија сите други. Но, јас не ставив клуч. Изнајдов модус да функционираме. Зарем за ова нема да се каже нешто значително, колеги? Зарем жртвата што ја дадовме во тие денови беше мала? Зарем ги заборавивме тие стравови и трауми што во тие денови сите заедно ги живеевме, во кои нашето и здравјето на нашите најмили беше животно загрозено. Кога некои од нас изгубија најмили? Во такво време-невреме, Филхармонија изнајде начин да живее, ЈАС изнајдов начин и сила за Филхармонија да живее. Зарем тоа не беше доволно важно да се спомене? Зарем за тоа да добиеме одговор ,,немам одговор”?
Бев директорка на Македонската филхармонија, исто така и во друг клучен и значаен период за нашата куќа, времето на протестите на оркестарот и на колективот кога, вие како синдикат и вработени, а јас како раководител, и` се спротивставивме на тогаш актуелната министерка за култура поради нејзината лоша и за Филхармонијата катастрофална и неодржлива одлука. Јас овие периоди ги нарекувам значајни, но, доколку некој од вас смета дека не е така, ве молам, слободно споделете ги со нас вашите размислувања.
Тогаш, знаете, без задршка, без било какви калкулации за мојата актуелна позиција, за моето работно место, за егзистенцијата на моите деца, уште во првите мигови на незадоволството застанав јасно, гласно и стоички зад волјата на колективот. Заради што? За да успееме, за да победиме. За да го сочуваме ова што го имаме вакво какво што е. И успеавме, победивме. Сите заедно. Сега ги уживаме плодовите на таа победа. Во мир е многу полесно да се живее, функционира и раководи. Јас на чело на оваа институција пребродив две војни. Дали тогаш некој дојде до мене и ме праша како ми е? Не, не можете ниту да замислите што тоа значи и колкава е таа одговорност и тој притисок. Можете ли само да размислите, колку и како ќе беше сè поинаку во нашава куќа, ако се оствареше она катастрофално решение што го одлучија министерката и уште некои.
Во мир е многу полесно да се живее, функционира и раководи.
Тогаш кога сите, беа речиси сигурни дека ќе го оставам колективот на цедило, дека ќе потклекнам на притисоците, дека ќе се исплашам од директните закани, дека ќе се исплашам од инспекциите коишто со месеци тука секојдневно доаѓаа, небаре колеги ни станаа, испратени кутрите од министерката, со надеж дека ќе ни најдат некаква неправилност. На нејзина ооогромна жал, не успеаја да ни најдат ни ронка неправилност. До степен да и самите инспектори, засрамени, ни кажуваат дека и на нив им е cè јасно, ама дека едноставно мораат да се кај нас и дека таква наредба имаат. Тогаш кога некои од вас, директно или индиректно бевте и изненадени од тоа што и јас застанав позади вас и нас, од тоа што и јас го ставив својот потпис на петицијата. Потоа тоа ми го потврдивте и со тоа што во толкав број дојдовте и лично ми честитавте и ми се заблагодаривте. Затоа што тој мој потпис, во тие околности и во тој период, верувајте дека имаше и тоа какво директно влијание за конечната одлука. Не заради мене како Тина, туку заради мене како директор, односно раководител. Јас токму заради тој потпис и заради тоа што застанав позади колективот, не заборавајте дека бев и бесправно разрешена, без ниту една причина и образложение. Јас и ден денешен, сè уште имам во тек судски постапки, на мои приватни трошоци. Јас ден денешен плаќам, и делам од сопствениот живот, од животот на сопствените деца, за тоа што не ја свиткав кичмата и не кажав амин на нивните злодела. Дали некој дојде и ме праша за тоа? Дали некој друг од вас и ден денешен на било кој начин плаќа за таа донесена одлука? Многу веројатно е дека не. Јас не се каам, и денес пак да се случи, исто ќе постапам. Гордо и сигурно одлучив така, затоа што тоа беше правдата. Како редок пример за директор, застанав зад синдикатот и колективот, се обратив пред целата македонска јавност, пред Владата и пред дотичната министерка против чија нејзина и владина одлука огромниот број од нас се кренавме на протест. Посочете ми друг таков пример од сегашноста или од минатото во нашата земја. Тина Иванова, вашата тогашна директорка на Македонската филхармонија, тогаш беше со вас! За што? За да денес добијам одговор ,,немам одговор”? Зарем немаше што важно и значително да се одбележи и подвлече за тој и за тие периоди? Зарем тој период е неважен и незначаен? Сево ова го споделувам со вас затоа што со ова сакам да ви дадам до знаење дека одговорот ,,немам одговор”, не го добив само јас. Го добивте и сите вие. Го доби периодот што заедно го истуркавме. Сите тие години добија одговор ,,немам одговор”. Сите тие години за некого се неважни и ништожни за спомнување. Зарем? Па, на тоа „НЕМАМ одговор“ еве овде пак прашувам за причините за моето изолирање?
Зошто Тина Иванова, екс директорката на Филхармонијата, е изоставена од историскиот директорски список на колективот, чија е одлуката и кои се мотивите за неа?
Патем, работата на Македонската филхармонија ја следам и медиумски и јавно ја афирмирам цели 30 години. Јас сум автор и на монографија за нејзиниот историјат. Секако дека очекувам јавен и институционален одговор на моето прашање: Зошто Тина Иванова, екс директорката на Филхармонијата, е изоставена од историскиот директорски список на колективот, чија е одлуката и кои се мотивите за неа? Дали тие што тоа го одлучија односно одобрија се свесни заради што го сторија тоа?
Игнорантскиот гест врз мене, кој и да е неговиот автор, тој изискува одговор кој, секако, би бил атрактивен и за пошироката македонска јавност, a пред сè, и за нашата верна публика, а, фала богу, медиумските и интернет можностите денес се широки. Заради самите околности и по сите елементарни логики, нема апсолутен простор за случајна грешка, затоа што, доколку беше грешка, јас дадов шанса со моето прашање, но, доколку беше така одговорот ќе беше, направивме грешка, но, не, одговорот беше ,,немам одговор”…
И, да не заборавам, ваквите карактерни гестови од каква природа и да се, нема да ме поколебаат. Напротив. Како и досега, како докажан професионалец и како вљубеничка во Филхармонијата, независно од нечии фрустрации и злобни гестови како овој од темата на ова мое обраќање до вас, и понатаму мотивирано и со голем ентузијазам и љубов, ќе си ја работам својата работа во мојот, во нашиот колектив. Тина Иванова имала и ќе ИМА одговори. Но, ќе има и прашања. Ајнштајн рекол: „Не може да постои глупаво прашање, може да постои само глупав одговор”… Така што, кој не е спремен за прашања, ќе мора да ми отстапи пат. Или да ми даде одговор. Сеедно. Ама нека е одговор; а додека, „НЕМАМ ОДГОВОР”, извинете, ама тоа е прилично голема навреда за интелигенцијата на секој еден еманципиран човек, за сечие достоинство и за сечиј, прво човечки, а потоа и професионален интегритет.
СРЕЌЕН РОДЕНДЕН, НАША МАКЕДОНСКА ФИЛХАРОМОНИЈА! Ви благодарам!
Текстот е личен став на Авторката
Прочитајте и…