– Шокирани сме од количината на СЕКСИСТИЧКИ навреди, ЖЕНОМРАЗИЕ, повици на ЛИНЧ и клевети со уличен, примитивен и деградирачки речник, како никогаш до сега. Лавината од овој примитивен оркестриран вокабулар започна вчера, по доставено барање до Владата, реагираат од О2 иницијативата во објава на нивната официјална фејсбук страница.
Во прилог на од Иницијативата објавија скриншот од дел од навредите упатени на социјалните мрежи:
„Низ овие повеќе од 10 години делуваме во разни форми, во борбата за чист воздух и здрава животна средина. Поднесовме стотици барања до минати влади, инспекторати, министерства, Собрание, претседатели, општини… Организиравме протести за време на различни Влади. Но, со ваква кулминација на уличарски сексистички навреди до сега не сме се соочиле. Вулгарни напади со акцент на тоа дека сме жени се понижувачки и недозволиви за нашето општество!“, се наведува во објавата
О2 иницијативата ги повикува сите надлежни да преземат соодветни мерки, бидејќи, како што велат, „оваа девијантна појава мора да запре“.
Претставничките на О2 иницијативата – Ели Пешева, Татјана Чакулев и Татјана Стојановска, во петокот на прес-конференција пред Владата, побараа забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард и ограничување на увозот на нови со минимален „ЕУРО 6“ стандард.
Како што појаснија, ќе биде испратено и официјално барање, поддржано од повеќе граѓански организации, до премиерот Христијан Мицкоски и Владата на Република Северна Македонија.
– Во насока на намалување на високото и живото-загрозувачко аерозагадување во земјава, причина за серија на болести и смртност кај населението, особено со оглед на најавените пониски даноци на емисијата на јаглерод диоксид и намалувањето на данокот на додадена вредност за увоз на автомобили од 2025 година, бараме да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален „ЕУРО 6“ стандард. Одлуката да стапи на сила на 1.1.2025 година, пишува во барањето.
Се истакнува дека возилата испуштаат повеќе од 200 токсични хемиски соедниненија, што постарите возила ги емитираат во поголема мера.
Ј. Ѓорѓиоски
Поврзано:
О2 иницијативата бара забрана на увоз на возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“