Ќе се подготви посебен план за хуманитарни летови за граѓаните кои се затекнати во други држави, но по враќањето во земјава тие ќе треба да поминат соодветен број денови во карантин, напиша вечерва премиерот Оливер Спасовски на својот официјален Фејбук профил информирајќи за одлуките донесени на денешната владина седница.
– На оваа седница ја разгледавме и информацијата на Министерството за надворешни работи за бројот на наши државјани кои оваа ситуација ги затекна во други држави. За да им се обезбеди можност да се вратат во земјата, ќе се подготви посебен план за хуманитарни летови, а нивна законска обврска ќе биде кога ќе се вратат да прифатат дека ќе мора да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани, вели Спасовски.
Исто така, задолжени се и Министерството за одбрана, Армијата и Министерството за внатрешни работи да подготват анализа и план за евентуално воведување многу порестриктивни мерки за движењето на граѓаните.
– Врз основа на нивните анализи, Владата ќе донесе соодветни одлуки, напиша Спасовски.