Европска Унија може постепено да ги намалува санкциите против Сирија во случај на „опиплив напредок“ од страна на новите власти, објави шефицата на европската дипломатија Каја Калас на Икс.
Таа потсети дека вчера во Рим учествувала на состанок со претставници од Германија, Франција, Италија, САД и од Велика Британија, чија цел била „координација на напорите за транзицијата во Сирија“.
Ја повторивме потребата од инклузивна влада која ги штити сите малцинства. ЕУ може постепено да ги ублажува санкциите доколку се постигне опиплив напредок, наведе Калас.
Министрите за надворешни работи на ЕУ на 27 јануари во Брисел ќе разговараат за намалување на санкциите кон Сирија. За тоа има поддршка од Германија и од Франција, но потребно е едногласност од земјите-членки.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро пред два дена повика на брзо укинување на санкциите кои го попречуваат примот на хуманитарна помош и обновата на земјата.