Премиерот Христијан Мицкоски од утре во наредните неколку дена ќе биде во работна посета на САД и ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот на инаугурацијата ќе биде придружуван од министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Делегацијата предводена од премиерот Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“.
– Очекувањата се дека за време на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател. Исто така Мицкоски ќе има средба и со бизнисмени со македонско потекло каде ќе стане збор за економска соработка и можни домашни инвестиции, се вели во владиното соопштение.