Илјада дена од војната против Украина” е насловена изложбата со фотографии што денеска беше отворена во општинската зграда во Кавадарци. Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека настанот се организира по повод Денот на соборноста на Украина, кога се одбележуваат скоро три години од почетокот на војната во Украина.
Јанчев истакна дека најнапред како човек, а потоа и како градоначалник на Општина Кавадарци, изразува солидарност и силна поддршка кон украинскиот народ, сочувство кон семејствата на сите жртви во војната, а на сите им посака побрзо справување со траумата која ја доживеале.
– Амбасадата на Украина во Македонија, во чест на досегашната меѓусебна соработка помеѓу Општина Буча и Општина Кавадарци, секако и град Никопол и донацијата вода што ја остваривме но и целосната поддршка што ја пруживме на украинскиот народ, во просториите на Локалната самоуправа организира изложба на фотографии што ќе бидат изложени десетина дена. Со ова уште еднаш покажуваме солидарност и поддршка за украинскиот народ. Ќе продолжиме и во иднина, нагласи градоначалникот.
Јанчев подвлече дека ниеден човечки живот не заслужува да биде згаснат на ваков начин.
– Дури и во време на војна, човечкиот живот и човековите права мора да бидат заштитени. Посакувам само мирот во Украина да се врати што е можно побрзо. Никогаш да не се повтори, рече градоначалникот.
Амбасадорката на Украина, Лариса Дир му се заблагодари на градоначалникот за помошта што ја дава на Украинците, од почетокот, како што нагласи, на оружената агресија на рф против Украина.
– Оваа хуманитарна мисија буди длабока почит и искрена благодарност за отвореното срце. Жителите на Буча, разрушена од русите, се благодарни за моќниот генератор што обезбеди живот за илјадници домаќинства во студениот зимски период. Жителите на Никопол се благодарни за чистата вода по последиците од уништувањето на Каховската хидроелектрана од страна на русите, истакна таа.
Амбасадорката нагласи дека Украинците го одбележуваат Денот на Соборноста, посебен чин на обединување на сите украински територии – важен настан за украинското државотворење, благодарна е за можноста да се организира изложба што ја прикажува борбата на Украинците против рускиот агресор за својата државност, за својот суверенитет и територијален интегритет.
– Украинците се благодарни на Северна Македонија за воената помош. Ние ја браниме нашата земја од рускиот агресор со поддршка на воената помош од партнерите, развивајќи ги истовремено и нашите одбранбени капацитети. Илјада шеесет и четири дена руска војна, исполнети со отпор, борба, херојство, но и со болка од загубите и секако со жед за победа, рече таа.
Притоа истакна дека остварувањето на праведен, севкупен и одржлив мир е нивната цел.
– Пред речиси една година, Генералното собрание на ОН ја подвлече потребата од што поскоро постигнување на сеопфатен, праведен и траен мир во Украина, во согласност со принципите на Повелбата на ОН и повторно ја истакна својата побарувачка кон рф веднаш, целосно и безусловно да ги повлече своите воени сили од територијата на Украина, повикувајќи на прекин на воените дејствија. Кремљ продолжува да го игнорира меѓународното право и меѓународните организации. Не можам да не истакнам дека на Украина й се потребни безбедносни гаранции, нагласи Дир.
Секако, подвлече таа, најефективната гаранција за Украина е членството во HATO, тоа останува еден од приоритетите на Украина.
– Ние сме уверени дека тоа ќе овозможи избегнување на таканаречените „сиви зони” кои само го хранат рускиот агресор и терористите. Ние сметаме на поддршката од Северна Македонија за поканата на Украина во Алијансата. Сакам, запознавајќи се со изложбата, да разберете дека рускиот ракетен терор продолжува. Секојдневно цивилните Украинци страдаат од авионски бомби, ракети, дронови кои русите ги фрлаат директно врз нивните глави, домови и станови. Украинските војници одбиваат стотици борбени напади од руските агресори секој ден, затоа противвоздушната одбрана е од витално значење за нас. Ова е злосторство на руската федерација кое продолжува во времето, рече амбасадорката.
Таа додаде дека последиците од ова злосторство имаат глобален карактер, вклучувајќи го и нападот врз целата глобална архитектура на безбедноста.
– Додека руската воена агресија не е надмината, Украина, реализирајќи херојска одбрана, очекува поддршка од партнерите во борбата против руската агресија и ја цени помошта на Северна Македонија, истакна Дир.
Пред присутните се обрати и Александар Урбанович, претседател на украинската заедница во државава. Тој рече дека денот е посебен, ден што го симболизира единството, храброста и борбата за слобода и независност на украинскиот народ.
– Фотографиите што ќе ги видите денес не се само слики од уништувања и трагедии, тие се сведоштва за издржливоста и хероизам на украинскиот народ, за љубовта кон татковината и за волјата за победа. Тие ги раскажуваат приказните на милиони луѓе кои ги загубија своите домови, но не ја загубија надежта, на војници кои се борат за иднината на своите деца, на волонтери кои го ризикуваат својот живот за да спасат други. Оваа изложба има уште една цел, да ја сподели со сите вас вистината за Украина, не само за страдањата, но и за нашите успеси, за поддршката што ја добиваме од нашите пријатели и за непоколебливата верба дека правдата и мирот ќе победат, истакна Урбанович.
Тој изрази благодарност до Општина Кавадарци и градоначалникот.
– Со посебна благодарност до компанија Кожувчанка за нивната голема поддршка на украинскиот народ. Вашата хуманитарна помош почнувајќи од првите денови на војната и до ден денес, вашата солидарност и вашата грижа за нашите сонародници во овие критични времиња, никогаш нема да ја заборавиме. И секогаш ќе ви бидеме благодарни на вашата хуманост и човекољубие. Вашата помош на Украина не само што го олесни животот на многу Украинци, туку и ја зацврсти врската меѓу нашите два народа, нагласи Урбанович.
Особена благодарност упати до Амбасадата на Украина, за нивната постојана работа и напори за промоција на украинската култура и за одржување на единство во овие тешки времиња.
– Вашата посветеност е од огромно значење за сите нас и за нашата заедница овде, во Македонија. Денешниот настан е не само потсетник за трагедијата која ја живееме, туку и симбол на надежта дека со заеднички сили можеме да изградиме подобра иднина. Се надеваме дека оваа изложба ќе инспирира повеќе луѓе да се приклучат кон борбата за мир, слобода и човечко достоинство. Ова не е само приказна за Украина, ова е приказна за сите нас, за силата на единството и за моќта на човечката волја, рече тој.
Дир и Урбанович се обратија на македонски јазик.
Пред Општината свечено беа подигнати знамињата на РСМ и Украина и беа интонирани државните химни на двете земји.