СДСМ бара ЕСМ да го повлече барањето и власта да се откаже од намерата за поскапување на парното.
Оттаму велат дека поскапување на парното би било уште еден удар врз стандардот на граѓаните.
„Од друга страна е лошо и во однос на загадувањето на воздухот. Власта треба да ја намали цената на парното за да ги стимулира граѓаните да се вратат и повеќе да се приклучат на парно. Тоа ќе биде мерка којашто ќе влијае на намалување на загадувањето но и на намалување на цената на парното со вклучување на повеќе корисници“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Од АД ЕСМ, велат – Опозицијата неосновано ги коментира барањата за корекција на максимален приход и цена на друштвата за производство и дистрибуција на топлина, формирани од АД ЕСМ, кои вршат енергетска дејност поврзана со пазарот на топлинска енергија.
„Потенцираме дека компаниите треба да се придржуваат кон одлуките и актите донесени од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги. Имено, согласно подзаконскиот акт кој го регулира максималниот приход и цена, вршителите на дејност имаат обврска да достават Барања до Регулаторната комисија за енергетика доколку настанат значителни промени на околностите и елементите што постоеле во времето на одобрување на регулираниот максимален приход и цената на топлинската енергија. Во тек на тековната грејна сезона зголемена е цената на природниот гас, енергент што претставува основно погонско гориво за производство на топлинска енергија, поради што се доставени барањата до РКЕ. Независно дали Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе одлука за корекција на регулираниот максимален приход и цената, сакаме да потенцираме дека топлинската енергија останува најеколошки и најекономичен начин на загревање споредено со другите начини на греење“, реагираат од АД ЕСМ.
Ј. Ѓ.