Срамна, дрска и потценувачка е било каква закана за граѓаните да не бараат поголеми плати, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска во одговор на новинарско прашање.
– Тоа е уште една скандалозна изјава на Трајко Славески. Срамна, дрска и потценувачка е било каква закана за граѓаните да не бараат поголеми плати. Се лаже ДПМНЕ ако мисли дека може некого да замолчи. Граѓаните имаат мака да обезбедат основни потреби за секојдневниот живот и со право работниците бараат поголеми плати. Обврска на власта е да ги зголеми плати а не да се обидува да ги замолчува. Тоа е истиот човек, кој беше против покачувањето на минималната плата за работниците. Но, еве прашуваме зошто Трајко Славески не се откаже од паушалот од 600 евра во Советот на Град Скопје? рече Кузеска.
Професорот Трајко Славески во Отворено, на ТВ24 рече дека најавениот бојкот на маркетите е фолклор и дека треба да се намалат барањата за раст на платите.
– Ова е само фолклор и нема да има никаков ефект, она што нема да го купите во петок ќе го купите за време на викенд затоа што не можете да се лишите од потребите, така да најдобро е како што сите сме правеле да се истражува по маркетите и да се добиваат пониски цени за вашите производи, рече Славески.
Тој објасни и дека најголем успех за задржување на стабилност на цените би имало кога би се намалиле инфлациските очекувања и барањата за раст на платите бидејќи како што објасни тој, на таков начин се подгрева инфлацијата.
Ј. Ѓ.