Општина Битола обезбеди 3,7 милиони денари, средства што ќе бидат вложени за поставување на смирувачи на сообраќајот пред осум основни и едно средно училиште во градот.
Сообраќајната сигнализација и смирувачите на сообраќајот ќе бидат поставени пред основните училишта „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“, „Климент Охридски“, „Тодор Ангелевски“, „Даме Груев“, „Трифун Пановски“, „Ѓорѓи Сугарев“ и кај средното општинско училиште „Таки Даскало“.
-Продолжуваме со преземање конкретни мерки и активности за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, а пред се за зголемување на сигурноста на пешаците. Согласно изготвената документација и склучениот договор за набавка, транспорт и монтажа, Општина Битола ќе инвестира 3,7 милиони денари за поставување на смирувачи на сообраќајот на осум локации, вклучувајќи вештачка издаденост, издигнат пешачки премин, гумирана вештачка испакнатина, флексибилни ретрорефлектирачки гумени столпчиња, како и сообраќајни знаци за издаденост на патот, обележан пешачки премин, зона школо, знаци за завршеток на зона школо, како и знаци за зона во која е ограничена брзината и завршеток на зоната во која е ограничена брзината. Со поставените смирувачи на сообраќајот ставаме акцент на зголемена безбедност на учениците како најмлади учесници во сообраќајот, информираа од тамошната локална самоуправа.
Општина Битола минатата година првпат постави смирувачи на сообраќајот од двете страни на улицата „Булевар 1 Мај“, кај Државното средно музичко училиште, Гимназијата „Јосип Броз Тито“, економското училиште „Јане Сандански“ и Основното училиште „Д-р Трифун Пановски“.