Објавен е трејлер за новиот хорор-филм заснован на расказот „Мајмун“ на Стивен Кинг од 1980 година. Филмот во кината треба да се појави кон крајот на февруари, но продукциската куќа „Неон“ откри дека четири телевизиски станици, наводно, одбиле да го прикажат трејлерот, поради премногу насилство.
„Го испративме трејлерот за ‘Мајмун’ на четири телевизиски станици. Не помина добро“, објави „Неон“ на „X“.
Оттаму објавија и фотоисечоци од мејл-пораките што објаснуваат зошто трејлерот бил одбиен. Во првиот одговор се наведува дека трејлерот „нема да биде дозволен на ниту една програма, поради прекумерно насилство“. На другата слика се предлага нова верзија – без толку крв и насилство. Слични одговори имаат и третата и четвртата ТВ-станица.
Реакциите кај гледачите покажуваат дека многумина веруваат оти ова, сепак, најверојатно е само реклама и промоција на филмот.
„Дајте му бонус на Вашиот маркетинг-стручњак за сѐ што постигнал“, „Филмот сепак ќе биде голем хит“, „Ова е лудо добар маркетинг“, „Никој не го прави филмскиот маркетинг подобро од ‘Неон’,“ „Ова е најдобрата филмска промоција што би можеле да ја посакате“ – гласат дел од коментарите.
Филмот го режира Осгуд Перкинс, а улогите ги глумат Тео Џејмс, Татјана Маслани, Елајџа Вуд, Сара Леви, Колин О’Брајан, Рохан Кембел, Адам Скот и Оз Перкинс.