Пишува: ДРАГАН МИШЕВ
Се чини дека секое диктаторче на овие западнобалкански простори, си има по еден свој Миле.
Со Миле, си ги споделуваат големите мисли кога ќе им надојдат од малиот мозок, со Миле ја пресметуваат висината на провизијата, тактиките за избори, и секако дека Миле може да се јавува кога ќе посака, и само на Миле му креваат, дури и кога ѕвони од непознат број.
Ова последново, според најновото откровение на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој замислете, меѓу мноштвото скриени броеви кои го бараат 24/7, секогаш го препознава токму скриениот број на Миле. И само нему му крева. Телепатија ли е, видовитост ли е, супермоќ ли е, некоја тајна врска ли е? Или тотална забеганост, па се нема усул ниту во лажењето?
Рецидивите од ангажманот на Никола Груевски како советник на министерот за финансии на Србија во 2003 година сé уште го прогонуваат Вучиќ: Протест – контрапротест; митинг – контрамитинг; студентите се бунат – прати силеџии; Грујо „Скопје 2014“ – Вучиќ „Београд на води“; Грујо споменик „Воин на коњ“ на сред Скопје – Вучиќ „Споменик Стефану Немањи“ среде Белград…
Сепак, постојат сомнежи дали и крајот ќе им биде ист, со оглед на висината и габаритот на Вучиќ, тешко дека ќе го собере во багажник.
Преземено: Цивил Медиа