Пишува: ИВОН ВЕЛИЧКОВСКИ
Во транс-атланскиот концепт на одбрана, MEGA (Make Europe Great Again) и MAGA (Make America Great Again) не се исклучуваат меѓусебно, напротив. И не само во одбраната.
Со ваков пристап, ЕУ не може повеќе да ги одлага инвестициите во својата одбрана (капацитети, вооружување и организирање) ниту пак може да остане вака децентрализирана како што е. Европа е политички обврзана да возврати на услугата во однос на досегашната американска инвестиција во европската стабилност – станувајќи функционална одбранбена структура.
Во таа смисла, Обединетото Кралство (ОК) веќе не може да се перцепира како неевропска земја и во ОК и во европските земји (барем во доменот на одбраната). Земјите-членки на НАТО споделуваат предности, како и обврски од транс-атланското партнерство.
Да, тоа е по цена на „пукање на балонот“ во кој сакавме да живееме (и во земјите-членки и во земјите-кандидати), дека:
1. Америка ги плаќа и гарантира одбраната и безбедноста на Европа;
2. Русија снабдува енергија и ресурси по ниска цена без да се обидува да го врати влијанието во Европа, особено во териториите што ги контролираше 1945-90;
3. Кина е предалеку и не може да ги наруши европските економии, иако СТО ја третира втората најголема економија во светот како земја во развој;
4. ЕУ може да го задржи својот раскошен животен стил втемелен на национални економски и институционални практики, перципирајќи ги Источна Европа и Балканот како бескраен резервоар на евтина работна сила за европските економии.
Да се соочиме со фактите, сограѓани Европјани:
Западна Европа беше обновена и ЕЕЗ/ЕУ беше конструирана со помошта и заштитата од САД. Тоа ја подготви Европа за нејзиното место во светот по (Студената) војна.
За добробитта на Европјаните, дојде времето Европа да настапи и да ја возврати инвестицијата на милиони Американци по 1945 кои финансираа стабилност на земји и нации во Европа за кои претходно немаа чуено…
Советски конструираната Железната завеса (како одбрана на рускиот империјализам низ комунизам) беше срушена благодарение на американската и западно-европската истрајност. Германија беше обединета и Источна Европа се врати каде што припаѓа. Мора да следи Украина. И Молдова.
Да не заборавиме дека за да се сруши таа Железна завеса, прво мораше да се разгради границата на ЕЕЗ на Ла Манш. Ако сакаме да ја срушиме новата Железна завеса што се шири во Украина, Англискиот Канал не може да биде граница на ЕУ на двете страни на каналот.
Така Европа е транс-атлански парнер на Америка. Почитувајќи ги своите одбранбени обврски земјите на ЕУ ќе бидат НАТО-партнерите потребни на САД, за тие да ги почитуваат своите обврски кон своите сојузници во Пацификот. ЕУ и ОК, не само САД имаат улога во јакнењето на одбранбениот појас што се шири низ повеќе од еден океан во светот.
Последно, но еднакво значајно: да се соочиме со фактите сограѓани во Северна Македонија.
Барањето нашите партнери да ги почитуваат обврските значи и ние да ги почитуваме нашите обврски.
Погледнете го горенаведеното, погледнете за што станува збор континентално и во светот и разберете колку просечна е обврската што ние ја преземавме во однос на нашето пристапување кон ЕУ: Да ја дополниме Преамбулата на националниот Устав.
За да го постигнеме членството во ЕУ што Брисел го очекува, а Вашингтон го поддржува. И во овој домен споделуваат заедничка позиција.
Кога го анализираме горенаведеното, не заборавајте: пред 3 години „бескомпромисната“ Москва ќе го „освоеше Кијив за 3 дена“. Сега преговара за мир.