Второобвинетиот за убиството на Вања и Панче, Велибор Манев денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје, рече дека се познава со сите обвинети, освен со таткото на убиеното девојче, и дека за грабнувањата ги координирал Љупчо Палевски Палчо. Манев, одговарајќи на прашања од неговиот бранител, рече дека сметал оти требало да извршат само грабнување на Панче, а се изненадил кога Палчо го застрелал.
На прашање на неговиот бранител, адвокатот Горан Бошевски, дали се познава со обвинетите, Манев рече дека со Боре Видевски се познава од дете, со Љупчо Палевски од 2018 година, а со Влатко Кешишев две и пол години, ако се смета и времето во затвор.
– Со Љупчо Палевски се познавам од 2018 година после потребата од набљудувачи за избори му пристапив во канцеларија, така се запознавме лично, после тоа одлучив да му пристапам и како член на тогашна „Движење Трета“, и оттогаш до ден денеска еве сме тука, со неговото знаење и познавање, рече Манев.
Прашан, дали го познава таткото на убиеното девојче, Александар Ѓорчевски, Манев рече дека ниту го знае, ниту го познава, ниту претходно го видел.
Манев, рече дека со сега покојниот Панче Жежовски се познавал и дека работел на негова куќа пред 15-16 години, од кога му останал должен и не му исплатил за завршената работа.
– Бараше сечени камења да му се реди дел на влезот од куќата, една од најскапите материјали и варијанти на изведба во градежништво. Кажал на неговите дека должел 500 евра, а беа 1500 евра, тогаш се скаравме, во лутината му извадив едно камионче 12-13 квадрати од бекатон плочките што му го редев и тој повика полиција. Таа направи записник, ме опоменаа дека не смеам така да постапуваме и да се однесувам, дигнав раце од сето тоа, и толку. Уште еднаш отидов кај него тогаш, му побарав уште еднаш парите што ми ги должи, ме избрка, дојдов до степен да го тепам, но не го сторив тоа, дигнав раце и оставив на Господ. Тоа беше сѐ од контактот и познавањето со Панче, рече Манев.
Манев, пред Судот кажа дека тој ја однел полицијата од СВР Велес на местото рудник во Велес, каде заедно со Влатко Кешишев ископале земуница, за која рече била ископана во 2022 година со цел „да се чуваат грабнатите лица и оттаму да се пуштат на слобода откако ќе се изврши наплата“.
– Првично требаше Панче Жежовски да биде грабнат. Да биде спуштен во земуницата, врзан со бетонски тег, со ланец за ногата и тегот, да не може да излезе, да се искористи неговото возило за грабнување на особа, жена од 38-40 годишна возраст и откако ќе се грабне таа, Панче да се извади, да се направи замена на грабнатите, Панче да се пушти со колата да си замине, а жената да биде чувана додека не се изврши наплатата, изјави Манев.
За одлуката за грабнување на Жежовски, Манев рече дека Палевски „околу месец и пол пред грабнувањето на лицата барал некоја кола необележана, крадена за да може да го извршиме грабнувањето“.
– Не можеше да се најде таква кола, по негов предлог, предложи да бараме нели единец, сам, што ќе може да му ја искористиме колата и за кратко време да биде пуштен. Седевме во канцеларија и ми дојде на ум не платениот долг на Панче Жежовски . Му кажав дека има тука кај мене еден што ме измамил, што ми го земал лебот, па би можеле да го искористиме тој човек за целите на грабнување, изјави Манев.
Манев, посочи дека на почетокот биле тој, Љупчо Палевски и Влатко, по што предложил и Боре да разговара со Палчо за евентуално приклучување, како четврти член на групата, а дека Жежовски го грабнале на 23 ноември, по што пред Судот, во детали го објасни грабнувањето.
– Стигнавме до земуницата со колата, пред нас цело време возеше пик апот, во него беа Љупчо Палевски и Влатко Кешишов, а Боре и јас во колата на Жежовски. Го изнесовме од колата, го однесовме до самиот отвор на земуницата, го спуштивме тука за да можеме да го пуштиме долу по скалите. Откако се наведнав да го одврзам Љупчо Палевски, наеднаш му испука куршум во слепоочница на Панче Жежовски, јас останав без зборови, срипав од местото и излегов надвор од шумичката, изјави Манев.
Манев, рече дека кога го прашал Палевски зошто го сотирл тоа, тој му рекол дека така е почисто и дека нема што да се секира.
– Јас му реков дека не сакам вака да продолжам затоа што за вакво нешто не сум ни помислил и тогаш прв пат ме подбутна со раката и ми вика, цитирам „да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“, изјави Манев.
После убиството, земуницата Манев рече дека стоела отворена неколку дена, по што се јавил Палевски и рекол да го затрупаат местото за да не почне да мириса.
По убиството Манев рече дека по наредба од Палевски возилото на убиениот Жежовски го возел до Скопје, кое го паркирал на паркинг кај надвозникот на пругата кај Хиподром.
Според обвинението, Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се обвинети дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.