Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
„Куририте“ на власта грчевито се борат да ги замолчат сите што бараат правда за загинатите млади животи во Кочани. Цела „курирска“ машинерија е пуштена на најјако и се обидува да го оцрни ЦИВИЛ, активистите и граѓанското општество дека организираат протести, дека тоа е злоупотреба на трагедијата итн. итн… Нека им служи на чест на тие „гласници“ кои прифатија да бидат дел од една крајно нечовечка кампања, само колку да нè замолчат да не бараме одговорност од државниот политички врв.
Но, не само „куририте“, кампањата „молчи“ ја започна министерот за внатрешни Тошкоски кој „од се срце“ ги замоли новинарите да го пуштат да работи и да не поставуваат прашања кои не му се по ќејф.
Министерката за образование Јаневска, ја продолжи кампањата „молчи“ на протестот на студентите цитирајќи стихови од Ацо Шопов: „Ако имаш нешто неискажано, нешто што те притиска и пече, кажи го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече“…
По исвиркувањето на министерката, еден студент избрза да ги замолчи колегите барајќи од нив тивко да им оддадат почит на загинатите млади лица. На социјалните мрежи српските студенти го нарекоа „македонскиот Чачи“.
Не барајте од нас да замолчиме кога ни умираат деца пред очи. Молчиме само кога децата спијат, но не и кога ги убива системот!
Одговорност мора да има.
Преземено: Цивил Медиа