Сараевскиот филмски фестивал (SFF) повторно го претвори главниот град на Босна и Херцеговина во центар на европската и регионалната кинематографија. Актуелното 32. издание на фестивалот изобилува со гламурозни гости, значајни филмски премиери и силен фокус на општествено релевантни теми.
Фестивалот годинава пречекува големи имиња од светската филмска индустрија. Меѓу најголемите ѕвезди е американскиот актер Вуди Харелсон, кој пристигна во Сараево за да ја прими наградата „Почесно срце на Сараево“ за неговиот исклучителен придонес во филмската уметност. Во негова чест се прикажува и неговиот филм од 1997 година, „Добредојдовте во Сараево“. Почесни награди добиваат и мексиканскиот актер и режисер Диего Луна, како и познатата британска актерка Емили Вотсон, која годинава е и претседателка на стручното жири.
Програмата нуди богат избор на филмови, со посебен акцент на Натпреварувачката програма. На програмата е филмот „17“ на Косара Митиќ, дебитантски филм на режисерката кој предизвика големо внимание. Филмот имаше своја регионална премиера и претставува трогателен портрет на адолесценцијата низ призмата на една училишна екскурзија, остро осврнувајќи се на системското занемарување на младите ширум регионот.
„EVERYTIME“ е филм на австриската режисерка Сандра Волнер кој по успехот и наградата во програмата „Извесен поглед“ во Кан, го претстави својот филм во Сараево. Филмот ги брише границите меѓу реалноста и фикцијата преку приказна за тагата и вината.
Документарната програма на фестивалот продолжува да отвора важни, а понекогаш и тешки теми, како што е документарецот „Кога ќе излезам“ на Метод Певец, филм кој следи осуденици за тешки кривични дела во затвор во период од 18 месеци, отворајќи комплексни филозофски прашања за човечката природа.
Документарниот филм „Избирајќи ја г-ѓа Дедо Мраз“ на Раиса Размерита е длабока и емотивна приказна за една жена од родното село на режисерката, која зад својата весела енергија крие сложено минато.
Оваа година фестивалот ја воведе новата награда Prix Cineplexx, која ќе му биде доделена на најдобриот проект од поранешна Југославија во програмата Open Air, избран од страна на публиката. Во меѓувреме, индустрискиот дел на фестивалот, CineLink, продолжува да биде клучна платформа за средби и копродукции, привлекувајќи стотици филмски професионалци и обезбедувајќи значајни фондови за развој на нови филмски проекти од регионот.
Фестивалот свечено ќе биде затворен со реставрираната верзија на култниот оскаровски филм „Ничија земја“ на Данис Тановиќ.
Д. Е.






