„Процесот на проширување на Европската Унија не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, туку и процес од геополитичко значење“.
Ова го истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на S&D „Вили Брант“ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.
– Никаде оваа визија не е повитална како на Балканот и во Северна Македонија, која претставува раскрсница на европските аспирации и современата геополитичка ранливост. Затоа, потребна е сеопфатна социјалдемократска агенда за процесот на проширување. Процесот на проширување не е само механичко прилагодување на законите или административно исполнување на критериумите за пристапување, тој е прашање на надворешно политичко и геополитичко значење, рече Филипче.
Според него, застојот само ги зајакнува авторитарните тенденции и ги зајакнува десничарските и екстремно десничарските политички сили во нивните земји, што оди на штета на демократскиот развој на овие земји.
Државениот министер на Албанија за односи со Парламентот, Таулант Бала, кој исто така беше меѓу учесниците на панелот, истакна дека Албанија би сакала сите земји кандидати да ги започнат преговорите за членство по кластери, вклучително и Северна Македонија, но дека мора да се почитуваат меѓународните договори.
– И актуелната Влада и актуелното мнозинство во Северна Македонија мора да ги почитува. Тие се среќни затоа што имаат опозиција што ќе гласа „за“. Кога имате опозиција што ќе гласа „за“ е многу лесно. Затоа тие мора да испорачаат, додаде Бала.
Според опозицискиот лидер, Венко Филипче, евроинтеграциите во моментов се целосно закочени за Македонија и тоа е резултат на незаинтересираноста на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„За жал, чувството кога седиме на вакви состаноци е една голема фрустрација. Гледаме како околните земји кажуваат и објаснуваат како напредуваат, гледаме што прави Албанија, со која што до пред некој месец водевме паралелно кон европскиот пат. Сега тие имаат конкретен план преговорите да ги завршат до Божиќ 2027 година и да станат земја членка на ЕУ до 2030 година. Гледате како една интензивна работа ја носи државата напред.“
Првиот социјалдемократ смета дека Владата нема ниту идеја, ниту волја да направи конкретен чекор напред.
„Социјалистите и демократите во Европскиот парламент отсекогаш биле цврсти поддржувачи на проширувањето на ЕУ – мировниот проект на Европа. Кредибилен процес на проширување заснован на заслуги е инвестиција во мирот, стабилноста и заедничкиот просперитет во Европа. Таа мора да остане централен столб на секоја дискусија за иднината на ЕУ“, се вели соопштението на европските социјалдемократи.
– Пред рундите за проширување на ЕУ 2004-2013, S&D одиграа клучна улога во подготовката на политичките партнери од земјите аспиранти преку значајната програма Вили Брант за проширување на ЕУ, именувана по визионерскиот социјалдемократски лидер и нобеловец кој го посвети својот живот на помирување на Источна и Западна Европа. Како што влегуваме во пратеничкиот мандат 2024-2029 година, повторно ја покренуваме оваа иницијатива со обновена одлучност. Во текот на следните четири години, програмата активно ќе го поддржува процесот на проширување и ќе ја зајакне улогата на прогресивните сили и граѓанското општество во земјите кандидати за ЕУ. Ова вклучува обезбедување практична помош за проевропските актери на терен, помагајќи им да се движат по патот кон членство во ЕУ, се наведува во соопштението.
Кетлин Ван Бремпт, потпретседателка на S&D за проширување на ЕУ, рече:
„Европскиот сон за мир и просперитет е она што не обединува. Но, денес, соочени со невидени геополитички промени – од непредвидливата и конфронтирачка политика на Трамп, до бруталната, тековна војна на Русија против Украина и подемот на екстремната десница – се потсетуваме колку е витално да ја зајакнеме нашата политичка единство и заштита. Во остварување на овие цели, S&D денес повторно ја започнуваат нашата иконска програма Вили Брант за проширување на ЕУ. Додека го продолжуваме наследството на овој голем социјалдемократ, нашата мисија останува јасна: да ја направиме Европа цела и целосна. нашето непосредно соседство и во самата ЕУ. Важно е да се има на ум и да продолжиме да ги потсетуваме сите дека проширувањето на ЕУ донесе значителни придобивки – не само за земјите кои се приклучија или во моментов бараат членство, туку и за Унијата како целина“.
ПРИДОБИВКИТЕ ОД ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ, СПОРЕД ПОДАТОЦИТЕ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА
Од 2004 година, десетте земји кои се приклучија на Унијата постигнаа извонреден напредок. Детската сиромаштија во овие земји драстично се намали од 41% на 17%, додека вкупното ниво на сиромаштија е преполовено. Реалните плати се двојно зголемени, шест милиони нови работни места се отворени, а уделот на лицата на возраст од 25-34 години со високо образование се зголеми за речиси 20%.
Поважно е што проширувањето на ЕУ донесе придобивки и за новите и за старите земји-членки. Шпанскиот извоз во новите членки е двојно зголемен, италијанската трговија е зголемена за 77%, а вкупната трговија внатре во ЕУ порасна за над 40%. Ова е успешната приказна на проширувањето: посилна Европа со намалена сиромаштија, зголемени можности и подобар живот за граѓаните ширум континентот.
ЗЕМЈИТЕ КОИ СЕ СТРЕМАТ ДА ВЛЕЗАТ ВО ЕУ
Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, Грузија, Молдавија, Украина и Турција.
Дестан Јонузи