Обвинувања кон Владата и Министерството за администрација за несериозност и одолговлекување со донесувањето на законот за правична застапеност упати пратеникот Блерим Беџети од пратеничката група Европски фронт во рамки на пратеничките прашања на денешната седница на Собранието. Констатираше дека и по шест месеци ветувања за законот којшто произлегува од амандамнот 5 во Уставот, тој сѐ уште не е донесен.
-Излегуваат заменици премиери од оваа Влада и велат дека имаат работни групи, но ниту еднаш не кажаа кој работи во тие групи. Има еден пристап на мајтап со јавноста за носењето на Законот, бидејќи беше во предизборната програма на оваа влада, а за да се тргне балансерот. Немаме никаква информација и како пратеници, и како Собрание, но и како јавност до каде е ситуацијата со овој закон, дали е формирана работна група, кога ќе биде донесен и така натаму. Треба да се почитува духот на Охридскиот договор и да се каже, бидејќи Владата има владина програма, во кој месец ќе биде, бидејќи и Изет Меџити и Арбен Фетаи се изморија кажувајќи ќе биде овие две недели, не овој четврток, другиот четврток, ова веќе стана хумор, рече Беџети.
Во отсуство на министерот за администрација, одговор на пратеничкото прашање даде премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека балансерот бил укинат по предлог од претходната Влада во која учестувале и министри од ДУИ, а информираше дека законските одредби се подготвуваат и ќе бидат донесени.
– Законот е готов уште минатата година, пред шест месеци, но за разлика од тоа време кога вие бевте министер за правда, законите треба да бидат согласно Уставот. За да не ни се случи повторно да паднат на Уставен суд и повторно вие да излегувате тука и да ги злоупотребувате чувствата на Албанците, да испраќате политички пораки. Можам да ви кажам дека ќе има Закон за правична застапеност, јас лично ќе го извадам овде и ќе го бранам, ќе биде уставен и ќе гарантира вистинска правична застапеност на сите етнички заедници. Нема да ги правиме грешките од минатото кога се носени закони без да се гледа уставноста, коишто денеска ви оставаат простор за политички тези, наместо да излезете и да им се извините на Албанците зошто се носени политички половични решенија, истакна Мицкоски.
Во второто прашање на пратеникот Беџети до премиерот Мицкоски тој се интересираше до каде е постапката околу враќањето на претходно уставно име на државата и како Владата ќе се справи со високите царински тарифи од САД .
-Мислам дека ретко кој го користи терминот Северна и сите го користат името Македонија и со тоа уште едно изборно ветување и исполнето. Дури и од СДСМ, во говори, во општеството, сите зборуваат за Македонија. Да, Северна ќе остане како спомен на едно лошо време кога вие го распродадовте мојот македонски идентитет, a мојот македонски јазик го преговаравте. Тоа е теза од вашиот поранешен коалициски партнер дека ние ќе го вратиме името, еве го вративме и овде се зборува за Македонија. Околу тарифите сте ги преспале, сега се 10 проценти, а не е 33 и во соработка со Соединетите Американски Држави, Македонија ќе биде меѓу ретките земји во светот којашто ќе ја има најниската царинска тарифа и пониска нема да има, додаде Мицкоски.
Околу договорот со Бугарија премиерот нагласи дека нема промена на ставот на Владата, и повтори дека непринципиелно е од другата страна на границата да се оспорува правото на македонското малцинство за регистрирање невладина организација, а да се бара бугарската заедница од оваа страна на границата да биде конститутивен народ во Уставот.