Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави денеска дека „не очекува ништо“ од посетата на европската комесарка за проширување, Марта Кос, јави дописникот на МИА од Белград.
„И што јас лично очекувам: не очекувам ништо. Се надевам на малку повеќе објективност од луѓето од Брисел, а дали нешто очекувам нешто – не очекувам ништо“, рече тој.
„Што се однесува до Марта Кос, убаво е што доаѓаат претставниците на Европската унија, бидејќи Србија е на европскиот пат. Верувам дека развојот на настаните во врска со регулаторните агенции, медиумските закони и препораките на ОДИХР ќе придонесат за понатамошен напредок на Србија на европскиот пат“, рече Вучиќ.
Марта Кос доцна попладнево треба да допатува во дводневна посета на Србија.За време на дводневната посета на Србија, европската комесарка за проширување ќе се сретне со највисоките државни функционери, но и со претставници на опозицијата, граѓанското општество и академската заедница, а ќе го посети и Нови Сад за да им оддаде почит на жртвите од уривањето на бетонската настрешница на железничката станица, соопшти денеска Делегацијата на Европската унија во Белград.
Посетата се остварува во моментот на политичката криза што започна пред шест месеци по уривањето на настрешницата во Нови Сад, кога загинаа 16 лица, и протестите против корупцијата што следеа, прво од студенти, а потоа и масовни протести на граѓани.