Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, објави дека на 15 мај властите на ентитетот Република Српска ќе ја укинат примената на Законот за финансирање на Босна и Херцеговина на територијата на РС, обвинувајќи го високиот претставник Кристијан Шмит за „кршење на уставниот поредок“ и „дејствување без легитимитет“, јавува Ал Џазира.
Нема закон под името како што го нарече Додик, па затоа не е јасно што точно мислел лидерот на ентитетот.
Покрај тоа, Додик објави дека овој ентитет ќе престане да ги финансира сите политички партии од јавниот буџет, откако високиот претставник го суспендираше финансирањето на неговата СНСД.
На состанокот на владејачката коалиција во Бања Лука, Додик изјави дека Шмит е „нелегален и турист“ и дека „го инструментализира судството на БиХ“.
Реакцијата од РС доаѓа откако високиот претставник Кристијан Шмит објави дека го суспендира финансирањето на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик и Обединета Српска на Ненад Стевандиќ од буџетските средства на сите нивоа на власт во Босна и Херцеговина, обвинувајќи ги за политичка дестабилизација во БиХ.
Д. Т. / Цивил Медиа