Членовите на Судскиот совет дадоа едногласна поддршка на Годишниот извештај за работењето во текот на минтатата година, по што документот ќе биде доставен на разгледување во Собранието на Република Северна Македонија.
При разгледувањето на Извештајот беше констатирано дека тој е квалитетно изработен, но содржи голем број статистички податоци од кои не може да се утврди нивната вистинитост. Поради тоа се отвора дилемата од претходните години дали Собранието нема да го оцени негативно и да се поднесуваат интерпелации за членовите на Советот.
-Не сакам погрешно да бидам сфатена, но содржани се оние статистички податоци што Судскиот совет ги работел и видливо е дека многу сработил. Наше е да се гордееме со таа работа, а на останатите две власти е да размислуваат дали ќе го усвојат или не, истакна Весна Дамева, член на Судскиот совет.
Беше укажано дека Извештајот на Советот ги сублимира податоците што ги даваат судовите и тоа е реалноста, а дали можело подобро и повеќе е друг апсект. Голем дел од тие статистички податоци за работата на судиите се резултат на финансиската независност на судството, а неопходна е соработка помеѓу трите власти за одредени прашања во судството, наместо да се повикува на политичка одговорност на членовите на Судскиот совет.
На продолжението од седницата, Советот ги разгледуваше жалбите на судии за бодувањата и оценките за нивното работење, при што како делумно основани оцени девет жалби, три целосно ги прифати, а две беа отфрлени.
Судскиот совет констатираше престанок на функцијата поради смрт на судија во Основнит суд во Велес, а на еден судија поротник во Основниот кривичен суд – Скопје му престана функцијата поради пензионирање. Шест судии поротници во Основниот суд – Куманово се разрешени поради истекување на мандатот и на нивно место се избрани тројца нови кои ги исполнуваат условите.
На седницата беше донесена и одлука да се објави оглас за вработување на еден судија во Основниот суд во Струга.