Судијка на Обединетите нации е осудена на шест години и четири месеци затвор откако беше прогласена за виновна за принудување млада жена да работи како робинка.
Лидија Мугамбе (50) е прогласена за виновна затоа што ја искористила „својата положба“ над државјанка на Уганда на „најтежок начин“, додека студирала за докторат по право на Универзитетот во Оксфорд.
Мугамбе, која исто така е судијка на Високиот суд во Уганда, ја спречила жената да има постојано вработување и ја принудила да работи како нејзина слугинка и да обезбедува грижа за децара, соопштија британските обвинители.
Судијата Дејвид Фокстон, изрекувајќи ја пресудата на Мугамбе на Кралскиот суд во Оксфорд, денеска рече дека станува збор за „многу тажен случај“, истакнувајќи ги нејзините правни достигнувања, вклучително и работата во врска со заштитата на човековите права.
Фокстон додаде дека обвинетата „апсолутно не покажала каење“ за своето однесување и дека се обидела „насилно да ја обвини“ жртвата за тоа што се случило, пренесе ДПА.
Во писмена изјава, прочитана во судот од обвинителката Каролин Хоги, жртвата опишала дека живеела во „скоро постојан страв“ поради моќната положба на Мугамбе во Уганда.
Младата жена, која не може да биде именувана од правни причини, рече дека „не може да се врати во Уганда“ поради страв од тоа што може да ѝ се случи и додаде дека можеби никогаш повеќе нема да ја види својата мајка.
Мугамбе во март беше прогласена за виновна за заговор за олеснување на кршење на британскиот закон за имиграција, олеснување на патување со цел експлоатација, принудување некого да работи и заговор за заплашување сведок по завршување на судењето.