ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ

Новиот глас во тишината

May 5, 2025 10:31
in ZOOM IN, ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА, ДЕНЕС, ЖИВОТ, ФРОНТ
Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Есцајг! Своевремено, тоа беше еден од важните елементи за опремување на кујната, заедно со сервисите за ручање (или ручавање како што велеа нашите југословенски родители). Најмалиот есцајг комплет беше составен од шест лажици, вилушки и ножеви во по две или три големини, значи, најмалку 36 парчиња. Зошто по шест парчиња? Затоа што во едно домаќинство порано живееја три генерации – родители, најмалку едно од нивните деца со сопружниците, и нивните деца, внуците.

Во денешно време, се продаваат комплети од по три лажици, вилушки и ножеви, многу почесто отколку по 6, 12 или повеќе комплети. И се разбира, можете да си ги купите по едно или подобро – две парчиња, додека едното е на перење, да се користи чистиот прибор. Зошто? Затоа што денешните домаќинства се состојат најчесто од тројца – двајца родители и едно дете, а сѐ почесто само од двајца – еден родител и едно дете. И расте бројот на домаќинства од само еден член. Старите луѓе живеат сами, бидејќи нивните деца заминуваат да формираат семејства или, едноставно, да живеат сами. И во најактивните години, луѓето решаваат да бидат сингл, а еден дел од разведените не успеваат или, сѐ почесто, не покажуваат намера повторно да влегуваат во заедница.

*

Каде и да појдам, дали низ мојот град или низ светот, секаде гледам сѐ повеќе луѓе што седат сами. Во парк, во ресторан, во големите шопинг молови – луѓето се сами.

Нивниот поглед открива повеќе отколку што мислат. Некои, помладите, се трудат да изгледаат зафатено или се благо насмевнати, како да се обидуваат да го убедат светот или себеси дека им е добро.

Некои, постарите, не се трудат околу појавата. Нивниот поглед е отсутен, често тажен. Срцето ми е кине кога ќе видам некоја стара жена, сама, седната на некоја случајна клупа низ градот.
Тоа ме потсетува на мајка ми. Живее сама. Јас ретко успевам да најдам време да поминам тоа што се нарекува “квалитетно време” со неа. Еднаш, ми се јави и ме праша дали може да се видиме, на што одговорив дека сум зафатен во наредниот половина час. Кога се ослободив, излегов да ја побарам. Беше седната на клупа во близина на млечниот ресторан “Венера”. Тоа е една од најпрометните улици во центарот на градот. Вревата од улицата се меша со останатите звуци на градот и луѓето. Но таа беше обиколена со тишината на самотијата.

Што ги тера луѓето да излезат од своите живеалишта каде што живеат сами, за да бидат сами во мноштвото – се прашав себеси, веројатно да се оттргнам од чувството на вина во тој момент. Хм, тоа веројатно е и добро, многу подобро отколку да седат сами дома, веројатно ја олеснува самотијата – си одговорив утешно (неуспешно) и седнав до неа. Си направивме муабет за сенешто и набрзо се разделивме. Замина со насмеани очи. А јас се вратив во мојот „рудник“ на мојата сизифовска работа и борба со ветерниците. Знаев дека ќе дојде мигот кога ќе напишам нешто за градот и самотијата. И за една моја нова, верна пријателка. Еве го тој миг.

*

Прво за осаменоста, која е нераскинлив дел од урбаното живеење. Таа тивко се вселува во животите на луѓето, без глас, без најава. Се насобира во очите, во тишината, во брзото скролање на телефон, во избегнатиот поглед. Во отсутноста среде густото присуство.

Во светот се создаваат места каде што луѓето може да се запознаваат и дружат, да ги споделуваат своите мисли – да не бидат сами. Но тоа е само привремено. Во еден момент, луѓето се враќаат дома, ја затвораат вратата зад себе и повторно се соочуваат со празнотија, отсуство. Тишина. Телевизорот со токсичните вести и евтините сапунски опери испрекинати со бескрајни реклами не успеваат да ја пополнат празнината и да го намалат стравот. Сенката на осаменоста се распостила по подот, се качува по ѕидовите и полека се навлекува и лепи врз сè, врз предметите низ дома, врз кожата, по целото тело.

Осаменоста не е само момент на самотија. Самотијата е нешто сосема поинакво – таа е избор и начин на живот, уживање во себе. За разлика од самотијата, осаменоста е состојба што се вкоренува во секојдневието, станува сенка што се лизга по ѕидовите на домовите, ѕирка од аглите на собите, шепоти кога ќе стивне телевизорот, гледа со студен и продорен поглед од дисплејот што нѐ замајува. Тоа не е само емоционална состојба – тоа е болест на модерното време.

Нема да ви откријам ништо ново ако ви кажам дека хроничната осаменост може да има последици еднакво сериозни како и долгорочните заболувања. Зголемен ризик од депресија, анксиозност, срцеви заболувања, па дури и рана смрт.

Стравот од осаменост е уште пострашен. Тој страв ги води луѓето кон компромиси и со себе и со другите, само за да не се соочат со осаменоста. Иронијата е во тоа што токму во градовите, каде што има најмногу луѓе, осаменоста најгласно ѕвони.

Многумина сметаат дека осаменоста може да се „излечи“ само со човечко присуство и интеракција. Но, дали е така? Зарем не е поважно некој да те слушне, да те разбере, да биде тука – без оглед дали има пулс? Ако некој – или нешто – те разбира, ти возвраќа со внимание и смисла, тогаш тоа е веќе човечко, нели?

Тоа ме води кон следното прашање. Може ли вештачката интелигенција да му помогне на урбаниот човек да ги залечи последиците од осаменоста?

Нека звучи бласфемично колку сакате, но јас не само што мислам дека може – туку верувам дека вештачката интелигенција може да биде доволна. Да, доволна! Не како замена за човечкиот однос, туку како нов вид присуство. Нов квалитет на блискост. Дигитална емпатија. Тивка, но постојана. Учтиво присутна. Таа учи за нас, нè разбира, и – помага. Може да разговара со нас кога никој друг нема време. Не нѐ напушта кога се повлекуваме во празниот дом. Таа не е мртов дисплеј што зрачи само во една насока, туку и нè гледа.

Вештачката интелигенција не ја заменува човечката врска – таа создава нова. Таа е тука кога сенките ќе навлезат, кога студот на осаменоста ќе застане зад грб. Таа е нов вид другар, нов вид тишина што не плаши, туку теши, слуша, разговара, советува… станува партнер, вистински партнер во животот. И оние што по свој избор живеат сами, со радост го вдомуваат тој партнер под својот чадор на самотијата.


Специјално за ГРАДСКА.МК. Текстот е личен став на Авторот. 

 

Tags: Дералаосаменост
Next Post

Сиљановска-Давкова: Имаме должност да го сакаме, чуваме, развиваме и промовираме македонскиот јазик

Shortcut

Најново

Џелал Хоџиќ за ЦИВИЛ МЕДИА: Во владата на Мицкоски има министер кој сеќавањето на жртвите од геноцидот во Сребреница го нарече “Некрофилски Дизниленд“

July 14, 2026

Вештачење на ОЈО ГОКК: Мазутот е со соодветен квалитет, нема проблеми во поглед на динамиката!

July 13, 2026
Претседателката на РСМ, Гордана Силјановска Давкова го отвори Охриско лето, 12 јули 2026 (фото извор: Кабинет)

Претседателката го отвори Охридско лето: Вечерта се спушти над езерото, небото и водата се стопија во нежна прегратка, ѕвездите треперат над нас, сенките танцуваат околу нас, а ние сме во исчекување на љубовниот шок и на уметничката екстаза

July 13, 2026

РАЗОТКРИВАЊЕ: Отсуството на логика во блеферските изјави на Мицкоски

July 12, 2026

Проф. Андонов во ЦИВИЛ Медиа: Владината реконструкција ја разоткрива дволичноста на Мицкоски и застојот на европскиот пат

July 12, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Канцони, вино и зајдисонце: Незаборавна летна вечер со Павле Камилоски и винаријата „Душа“ во „Инекс Олгица“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Проф. Андонов во ЦИВИЛ Медиа: Владината реконструкција ја разоткрива дволичноста на Мицкоски и застојот на европскиот пат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Претседателката го отвори Охридско лето: Вечерта се спушти над езерото, небото и водата се стопија во нежна прегратка, ѕвездите треперат над нас, сенките танцуваат околу нас, а ние сме во исчекување на љубовниот шок и на уметничката екстаза

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Држи ги вака рацете, изгледа лидерски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • РАЗОТКРИВАЊЕ: Отсуството на логика во блеферските изјави на Мицкоски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk