Евроинтеграцискиот процес е еден од врвните приоритети на Владата. Пред нас имаме зацртано една цел, а тоа е да сториме се што е можно за да го реализираме сонот за европска Македонија, порача денеска заменик-министерката за европски прашања во Северна Македонија, Викторија Трајков во своето обраќање за време на панел дискусија на Академијата за европска интеграција (AEI) „Тркалезна маса – Патот на Северна Македонија до ЕУ: Предизвици и можности во 2025“.
Таа додаде дека со реализацијата на европската агенда и имплементација на реформите ќе се олесни пристапниот процес во ЕУ.
-Свесни сме дека Унијата од нас очекува конкретни резултати и затоа сме подготвени да го вложиме нашиот целокупен човечки и институционален потенцијал за час-поскоро да станеме дел од европското семејство. Изморени сме од ветувања и од условувања преку коишто не сме подготвени да преминеме. Новата Влада постави црвена линија. Црвената линија е нашиот македонски идентитет, кој нема да дозволиме да биде обременет со билатерализација. Но, иако, предолго и неправедно сме во чекалната на ЕУ, ние немаме друг избор освен да продолжиме цврсто напред, рече Трајков.
Дебатата на настанот ја отвори и модерираше професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД.
На дискусијата свои пораки за предизвиците на ЕУ испратија и Марија Бергер, судијка од Европскиот суд на правдата, пратеникот од Европскиот парламент Клаус Волфер кој е поранешен директор за Југоисточна Европа и проширување на ЕУ во МНР на Австрија. На дебатата учествуваше и Герхард Јарош, раководител за меѓународно кривично право во LGP Group и поранешен заменик главен обвинител во Виена.