Лидерот на најголемата опозициска партија во земјава СДСМ, Венко Филипче ова недела се очекува да се сретне со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој веќе најави дека излегува од владината коалиција.
Високи извори во партијата на Таравари за Фронтлајн велат дека средбата ќе се случи, и додаваат, дека Арбен Таравари како колега по струка со Венко Филипче веќе имаат взаемна комуникација и почит.
Истовремено првиот социјалдемократ најави дека во следниот период ќе иницира средба на сите парламентарни политички партии за да разговара за Францускиот предлог и што е пречката да се усвојат уставните измени.
Џелал Хоџиќ, претседател на СДА Македонија, во изјава за Фронтлајн вели дека важно е опозицијата да ја притиска власта, на секој демократски начин, брзо да се врати државата на европскиот пат.
– Република Северна Македонија е пред нова општествена криза, во каква што влезе после Самитот во Букурешт во 2008 година, кога не станавме членка на НАТО. Сите знаеме во која насока отиде нашето општество после тоа. Ако останеме надвор од европскиот пат, ако го пропуштиме возот на проширувањето на ЕУ со Црна Гора и Албанија, без разлика кој и да е на власт и без разлика какво и да е мнозинството на власта во Собранието, ние како општество повторно ќе влеземе во една голема криза, која ќе биде составена од кризи на разни полиња. Едноставно нема да имаме капацитет како држава сериозно да се справуваме со економската криза, политичката криза, етничка криза… а веќе одамна е многу ниска довербата на граѓаните во државните институции и владеењето на правото, вели Хоџиќ.
Од таа гледна точка, додава тој, секоја иницијатива за брзо враќање на државата на европскиот пат, кој не е можен без уставни измени, е за поздравување.
– Сметам дека е и потребно обединување на напорите на сите прозападни сили, без разлика на етничката припадност и моменталниот политички распоред. Премногу време изгубивме како држава, наведува тој.
Дестан Јонузи