Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
По посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Скопје и на Тирана, повторно станува болно јасно каде сме ние, а каде одат другите.
На заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Кошта беше дециден: „Уставните измени мора да се случат за да продолжи европскиот пат на Македонија. Нема план Б.“ Истовремено, во Тирана, Кошта заедно со Еди Рама зборува за тоа дека Албанија може да биде дел од ЕУ дури и пред 2030 година.
Малку боли ова, или не?!
Е сега, замислете си ваква сцена по 10 години од денес:
Дете, по десетина години, ве прашува:
„Оти ние не сме во ЕУ?“
И вие гордо одговарате:
„Зашто не им дадовме на Бугарите да влезат во Уставот! Се држевме храбро!“
Што ќе ни врати детето:
а) Аха, арно им направивте на Бугарите, нека патат.
б) Вие нормални ли сте?!
И тогаш, каде ќе бегаме од вистината: дека некои се криеле зад „патриотизам“ (читај сакале бришан простор без ЕУ, за корупција и арамилак), а жртвувале генерации.
Кошта дојде, го кажа истото што го кажуваат и Урсула, и Шарл Мишел, и Макрон, и секој функционер што ни поминал низ Скопје последниве две години: ако не ги направите уставните измени, стоите. Сами. Во место. Без ЕУ. Против сите. Против самите себе.
Еве нас предавниците што ви го вреѓаме славното античкото потекло и бугарското вмровско наследство што ни го напикавте во историјата, што ве гледаме како вазали на Орбан и Вучиќ…. нас ич не нè есапете, ама малку разум и ум купете од модерниот свет, ако не друго, леба ви.
Но најн! Упорно се верува на мицковци дека „ќе дојде моментот кога Брисел ќе попушти“, дека „Трамп сега ќе ни среди, нели ние сме наредени први до него пред сите“, или дека „има и други сојузи“ (читај: оска Будимпешта, Белград, Пекинг, преку Москва, или евроазиски некој сојуз).
А во меѓувреме Албанија оди напред, Црна Гора до неа. Молдавија ќе не претрка, најверојатно и Украина. А зошто да не и Косово. Се спремаат. Не калкулираат. Не се закопуваат во историја, туку гледаат како нивните деца да бидат европски граѓани со иднина.
Се поставува едноставно прашање:
Дали ние сакаме да бидеме во ЕУ, или сакаме да останеме во вмронскиот мит дека сме жртви кои никому не попуштаат?
Ваква погубна политика ни влечкаа 30 години разни љубчовци и бранковци и видете до каде не дотераа.
Инаку, ЕУ не е емоционална награда за инает и отпор. Тоа е политички, економски и вредносен систем кој има правила. Едно од тие правила е: Францускиот предлог. Преговарачката рамка постои. Уставните измени се во неа. Со печат е зачуван македонскиот идентитет и јазик. Крај на приказната.
Кошта денес нè погледна право во очи и ни рече:
„Не ви треба план Б кога имате план А.“
Прашање е само – дали гледаме и ние, или – Аспарух нема да влезе во устав па ако треба и трева да пропасеме.
А децата?
Нека се снајдуваат, кој им е виновен.
Ете им ја Германија, Словенија, Шведска…