Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека договорите објавени на Самитот помеѓу ЕУ и Велика Британија испраќаат порака дека земјите во Европа се поддржуваат и помагаат едни со други.
– Пораката што ја испраќаме до светот денеска е дека во време на глобална нестабилност и кога нашиот континент се соочува со најголемата закана со генерации, ние во Европа се поддржуваме и помагаме едни со други, наведе Лајен.
Претходно, британскиот премиер Кир Стармер изјави дека потпишувањето на нов договор за одбрана и трговија со ЕУ означува нова ера во нивните односи по Брегзит.
– Ова е првиот Самит помеѓу Велика Британија и ЕУ. Означува нова ера во нашите односи и сите имаме корист од овој договор.
Претходно, Владата на Велика Британија соопшти дека склучила нови договори со Европска Унија за зајакнување на соработката во одбраната, за олеснување на трговијата со храна и олеснување на граничните проверки.
Стармер оцени дека договорите ќе ја намалат бирократијата, ќе ја поттикнат економијата на Велика Британија и ќе ги обноват врските со ЕУ откако Обединетото Кралство излезе од Унијата во 2020 година.
Според договорите, новото партнерство за одбрана и безбедност помеѓу Велика Британија и ЕУ ќе овозможи Лондон да има пристап до програмата за заем за одбрана на ЕУ од 150 милијарди евра.
Другите договори вклучуваат отстранување на некои проверки на животински и растителни производи за олеснување на прекуграничната трговија со храна и 12-годишно продолжување на договорот што им дозволува на рибарските бродови на ЕУ да влезат во водите на Велика Британија.
– Време е да гледаме напред. Да ги оставиме настрана старите дебати и политички битки и да најдеме разумни, практични решенија што се најдобри за британскиот народ, посочи Стармер по првиот Самит на Велика Британија – ЕУ што се одржа во Лондон.
Велика Британија по Брегзит забележа пад на извозот во ЕУ од 21 проценти.