Откако вчера социјалните мрежи беа преплавени со видеото на кое јасно се гледа брутално родово насилство во Штип, настанот доби и разврска.
Голем број јавни личности повикаа на правда и казнување на сторителите, а во текот на денот се појави и видео со изјава од девојката во кое таа појаснува дека видеото е од пред неколку месеци, дека имало и други сведоци, но и дека не може на доктор да се прегледа за повреди бидејќи видеото е постаро.
Откако неколку адвокати понудија бесплатна правна помош за девојката од видеото, штипската телевизија Тв Стар денес на својот Фејсбук статус, повикувајќи се на свои извори, информира дека двајцата насилници не можат да најдат правна помош бидејќи ниту еден адвокат не сака да ги брани.
Тоа може да е и проблематично, бидејќи, како што пишуваат од Тв Стар, во секој момент треба да се одлучува за нивниот притвор, а тоа не може да се случи доколку осомничените не се правно застапени.
Во статусот на Тв Стар стои:
„24 часа тепачите од Штип не можат да најдат адвокат да ги брани.
24 часа по приведувањето во СВР Штип, двајцата насилници од вчера во јавноста промовираното видео со насилство, сé уште се без бранител. Судијата по претходна постапка Олгица Павлова, во секој момент треба да одлучува за нивниот притвор, но тоа е невозможно доколку осомничените немаат правен застапник.
Според информации на ТВ Стар, сите повикани адвокати, до утринските часови, одбиле правна помош или биле зафатени со други предмети, па од тие причини тие биле оставени исказите во полицијата да ги даваат сами.
Каква ќе биде одлуката на судијката Павлова и дали во последен момент, пред истекувањето на рокот од 24 часа, за С.А. и П.Р. ќе биде обезбеден службен бранител, ќе се знае во наредните 30-тина минути.
ТВ Стар го следи случајот и наскоро следувата нови информации.“ – информираат од телевизијата.