Денеска и утре (1 и 2 август ) во Кочани, на Споменикот на слободата на Локубија, ќе се одржи Расплет фестивал, дводневен хуманитарен музички настан, организиран од група млади луѓе меѓу кои се и петмината членови на бендот „Корка“ од Кочани.
Четири месеци се поминати, но раната оставена од трагедијата е се уште свежа. За жал, вниманието на јавноста сè повеќе и повеќе се губи, а луѓето забораваат. Не смееме да дозволиме таква ситуација да остане незабележана. Тишината во овој момент е гласна, затоа ние треба да сме погласни, велат организаторите на музичкиот хуманитарен настан.
Главна цел на Расплет фестивалот е да се подигне свеста дека донациите не треба да се намалат и дека се потребни исто како уште првите моменти после трагедијата од 16 март.
-Донациите стивнуваат. Ние потсетуваме дека не смеат да запрат, бидејќи им се најпотребни на повредените кои чекаат за нив. Некои од нив директно се вклучени во фестивалот за нивна повторна социјализација, посочуваат младите кои стојат зад Расплет фест.
Причината за дводневното времетраење е да може да се привлече поголемо внимание кон Кочани и сите засегнати од трагедијата и да се собере што е можно поголем број на донации.
Вториот дел од фестивалот (сабота 02/08/2025) ќе започне покасно, да се остави простор за мировниот марш, кој ние со сè срце го подржуваме, учествуваме и повикуваме луѓе да земаат учество и надвор од Кочани, најавуваат од бендот „Корка“, кој е вклучен во се што е поврзано со одржувањето на овој хуманитарно музички настан закажан за Илинден на Споменикот на слободата.
Дел од првиот состав на „Корка“ беше Сара Јорданова, матурантка, која не го преживеа пожарот во дискотеката „Пулс“. Свиреше на тапани.
Токму на Сара, како и на сите други погодени од несреќата ноќта на 16 март, им е посветен Расплет фестивалот.
На сцената ќе настапат артисти како Хајка, Taxi Consillium, Корка, Алембик, Јаблан, Don Playa, Луфтанза, Соба Глувих, Големата Вода, Mallard и DJ Gianni.