ДИЈАГНОСТИЦИРАНИ се 53 случаи со корона вирус, што е најголем број досега по регистрирањето на првиот случај во државава, на 26 февруари. Досега 17 лица починаа од компликации од коронавирусот, а 20 се излекувани. Бројот на заболени, како и починати секојдневно се зголемува. Заболените се од 17 градови и се вкупно 483, а најмногу се од Скопје (221), Куманово (93) и од Дебар (49).
*
МИНИСТЕРСТВОТО за труд и социјална политика информира дека се продолжува периодот на платено отсуство од работа поради нега и одгледување на новородено и посвоено дете се до истекот на траење на времените мерки. Со уредба со законска сила на Законот за работни односи што ја донесе Владата, отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус Ковид-19.
*
ДРЖАВНИОТ карантин, по поминти 14 дена, вчера успешно го напуштија 160 македонски граѓани, кој со хуманитарен лет беа вратени во земјава. Статистиката заклучно со вчера покажува дека во државен карантин се наоѓаат 2099 лица, а утре треба да се реализира лет од Лондон до Скопје.
*
ЕВРОПСКАТА Комисија подготвува и „Зелен план за Западен Балкан“, како еден од регионите што се во голема мера зависни од фосилни горива и најтешко погодени од климатските промени. Со планот се предвидува поддршка преку фер транзициски механизам, кој ќе вклучи посебен фонд под политика на кохезија во новиот долгорочен буџет на ЕУ.
*
НА подрачјето на Куманово регистрирани се 14 прекршувања на мерката забрана за движење во периодот од 21:00 часот на 03.04,2020 (петок) до 07:00 часот на 05.04.2020 (недела), информира МВР. Оттаму нагласуваат дека се преземени мерки и активности при што 12 лица се лишени од слобода, а за две лица се земени податоци.
*
„ВО ситуација кога имаме затворени граници, и забрана за движење во поголемиот дел од денот, јасно е дека е економијата не може да бележи позитивни резултати. Добро е што Владата досега во два наврата донесе сет економски мерки што ги ублажуваат економските последици, иако јас очекувам дека како што ќе се пролонгира оваа криза, следните недели, ќе има потреба и од дополнителен сет на мерки“, изјави претседатело Стево Пендаровски.
*
ВЛАДАТА на Република Северна Македонија донесе Уредба со законска сила за финансиска поддршка на спортисти, стручни лица од областа на спортот и спортска администрација за време на вонредна состојба.