ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

РУСКИ ХИБРИДНИ ЗАКАНИ: Моделирање и пристапи (1)

Во првиот дел на оваа значајна анализа, Авторот го открива патот како земјата од цел на напад станува алатка за влијание во руската стратегија на „бескрвна војна“. Овде се разоткрива руската хибридна стратегија кон Македонија – од дезинформации до политичко маневрирање.

August 11, 2025 13:13
in АНАЛИЗИ, ДЕНЕС, ПОЛИТИКА

Пишува: Проф. д-р ОЛИВЕР АНДОНОВ
Воена академија „Генерал Михаило Апостолски“ Скопје

Вовед и теориско определување

Есејот кој е пред вас има цел да направи краток научен осврт кон Хибридните закани кои Русија ги применува кон Македонија и, во принцип, накратко да ги прикаже пристапите и нивното моделирање во спроведување на истите. Всушност, да се обидеме низ научен пристап да ги прикажеме реалните моделирања и пристапи на Русија во рамки на хибридните закани кон Македонија.

Поимот Хибридни закани подразбира широко дефинирање на збир активности кои можеме да ги сведеме на концепт. Концепт е затоа што не се концентрира исклучиво на една активност, туку својот опсег постојано може да го прошируваат во зависност од потребите за војување во современи услови. Оттука, хибридните закани може да ги пренесеме во сферата на војувањето која не е иста како водењето на вооружената војна. Тоа, пак, нѐ насочува кон создавање научна, мисловна и пред сѐ, практична разлика помеѓу вооружената борба како специфичен облик на војната и хибридните закани или хибридната војна како збир на различни доктрини на специфични облици на војна. Едноставно, може да заклучиме дека хибридните закани или хибридната војна претставува посебен пристап во водењето на војна која не мора да биде вооружена, односно која е „бескрвна војна“. Токму затоа поврзувањето на хибридните закани односно хибридната војна со разбирањето на војната како општествена појава и компарирајќи ја со вооружената борба како специфичен облик на војната, за хибридните закани може слободно да кажеме дека се резултат на разбирањето на современата војна, и нејзиното дефинирање и определување.

Токму пристапот кон разбирањето на војната и современото војување даваат теориски и практичен вовед во употребата на хибридните закани и нивно пренесување на ниво на хибридна војна.

Дефинирањето на хибридните закани опфаќа повеќе различни пристапи, а во зависност со каква цел и кон што се употребуваат. Генерално земено: „Хибридните закани се штетни активности кои се планираат и спроведуваат со малигна намера. Тие имаат за цел да поткопаат определена цел, како што е државата или институција, преку користење на различни средства, најчесто комбинирани. Таквите средства вклучуваат манипулација со информации, сајбер напади, економско влијание или принуда, влијание во енергијата и ресурсите, тајно политичко маневрирање, принудна дипломатија или закани со воена сила. Хибридните закани опишуваат широк спектар на штетни активности со различни цели, кои се движат од операции на влијание и мешање до хибридна војна.

Тука доаѓаме до крајната цел на хибридните закани, односно водењето на хибридната војна како инструмент за остварување на победа во војната. Неопходно е да ни е јасна претставата дека токму современото разбирање на војната во рамките на теоријата на војната, одамна не се ограничува на војната како употреба на вооружената сила. Во тој контекст современото разбирање на војната несомнено опфаќа употреба на различни доктрини на војување со крајна цел победа во војната, односно „наметнување на нашата волја врз непријателот“. Таа волја воопшто не мора да биде наметната со видлива сила или примена на тврда моќ.

Оттука во кинескиот теориски пристап кон војната ќе најдете потполно јасно прифаќање на терминот „Неограничено војување“[1] и употреба на „Утилитаризмот“ како средство во рамките на тоа неограничено војување, а што се однесува на изменетата човекова природа во современото потрошувачко општество и брзо живеење и достапност до различни ресурси, информации и потреби засновани врз потребата од лесно и удобно живеење.

Потоа, може да се забележи драстична промена на теорискиот пристап кон војната од едноставно водење вооружена борба кон „Нов пристап кон дефинирањето на војната“ во рускиот теориски пристап, како видливо изменет во однос на Советскиот, но задржан на нерешливост на доктринарните прашања на вооружената борба[2].

За разлика од Герасимов кој се занимава со доктринарната употреба на вооружените сили и во исто време само допира до современото војување и хибридната војна и тоа за потребите на вооружената борба, како што констатира Галеоти во однос на исклучиво доктринарниот пристап на Герасимов[3], Гулин веќе дава соодветен пристап на современиот руски теориски модел на разбирањето на војната и нејзиното водење, односно војувањето. Токму Гулин зборува за „бескрвна војна“ и „современиот борбен идентитет“[4], појаснувајќи дека не може да ги наброиме сите облици во кои војната може да започне, а тоа не е вооружен напад, односно започнување на борбени дејства, туку други облици на непријателски активности со цел ослабување или дезориентирање на непријателот. Токму тие облици се хибридните закани, односно хибридната војна.

Во пракса, ова претставува сериозен проблем за населението на нападнатата држава, поради што се поставува едно клучно прашање: „Како знаеме дека сме во војна“? Очигледно дека хибридните закани или хибридната војна не го одбележуваат борбениот идентитет на непријателот и истиот тешко или воопшто не можеме да го идентификуваме. Во исто време, не знаеме дека сме во војна бидејќи немаме видливи жртви и токму тоа е целта на хибридните закани да овозможат водење на „бескрвна војна“.

Разбирање на современата физиономија на војната во чии рамки е непознат борбениот идентитет, претставува нов пристап кон современото војување. Тоа современо војување во основа ги има хибридните закани или хибридната војна[5].

Очигледно е дека современата војна потполно ја има изменето својата физиономија и во основа во втората и третата декада од 21-от век, а веројатно и во иднина, се темели врз хибридните закани или на хибридната војна која го прикрива борбениот идентитет за јавноста и уште повеќе не предизвикува видливи и вознемирувачки за јавноста крвни жртви.

Рускиот модел на хибридни закани врз Македонија

Рускиот модел на употреба на хибридните закани врз Македонија е различен од оној утврдениот (видливиот) кој се употребува кон земјите на Западна Европа.

Зошто овој модел е различен, а со тоа и пристапите, односно инструментите се повеќебројни? Едноставно, затоа што Македонија покажува системска нефункционалност на институциите на системот, слаба образовна база на населението, изразена религиозност и проруски сентимент во рамките на Православната вера, економска слабост на државата, сиромаштија кај населението, опкружување, митологија во живеењето и несоодветно компарирање или глорифицирање на улогата на Русија на Балканот и посебно во историјата на Македонија, користење на старата и новата разузнавачка мрежа од Русија, како и користењето на влијанијата од Србија и Унгарија, особено во економските и политичките одлуки што е посебно изразено.

При еден ваков огромен дијапазон на инструменти за користење, воопшто не е проблем Русија да ги моделира своите хибридни закани во разни области како исклучителна можност за  комбинирани дејства во Македонија. Тоа овозможува Македонија не само да биде цел на хибридните закани, туку е претворена во прокси држава од чиј простор (територија, сајбер простор, медиумски простор, образовен, економски и политички простор) се води хибридна војна кон јужното крило на НАТО, кон земјите во регионот. Така Македонија се претвора во извор на загрозување на регионалната безбедност, односно во држава која зрачи регионална небезбедност. И токму како прокси држава од чиј простор се води хибридната војна против самата неа и во регионот, многу ѝ помага на Русија – во нејзиниот пристап во рамките на хибридната војна да остане незабележана – да биде невидлив нејзиниот борбен идентитет.

Во рамки на моделот на хибридните закани на Русија кон Македонија, пристапите се многу динамични и разновидни. Најпрво самата Македонија не е повеќе цел на хибридните закани, пред сѐ, затоа што во многу аспекти на дејствување руските хибридни закани се успешни во Македонија и сегашната цел на Русија е одржување на достигнатата состојба – успеси и нивна експлоатација во однос на реализација на следните цели кон соседите, односно кон јужното крило на НАТО.

Резултатот на ваквиот пристап кон Македонија е лесното пласирање на дезинформации и лажни вести во медиумскиот простор на Македонија и посебно на социјалните мрежи. Буквално преплавување со анти-НАТО и анти-ЕУ постови на разни лажни и реални профили. Создавање на превртена слика за вистинската улога и поддршката на НАТО, САД и ЕУ на Македонија до степен на владино обвинување кон ЕУ дека го уништува македонскиот идентитет. Па сѐ до отворен дипломатски конфликт со Бугарија заснован врз намерно креирани дезинформации чија цел е дополнително ослабување на довербата помеѓу сојузниците во јужното крило на НАТО. И токму овој став како повторена приказна и на мејнстрим медиумите од страна на премиерот се пласира во контекст на загрозеност на Македонија, особено на македонскиот идентитет и тоа од страна на ЕУ, а поттикнато од Бугарија. Дури и тенденциозното отворање на затвореното таканаречено „македонско прашање“ и тоа од страна на премиерот на Македонија како божемна стратегија за докажување на бугарските тенденции за непризнавање на македонскиот идентитет и јазик е еклатантен пример на моделирање и пристап на хибридните закани од страна на Русија.

Во исто време и од Бугарија под влијание на руските политички тенденции за создавање конфликт во јужното крило на НАТО, поедини политички групации излегоа токму со антимакедонски ставови, кои во македонската јавност дадоа потврда на ставовите на Мицкоски, посебно затоа што тие ставови беа интензивно медиумски употребувани во македонскиот медиумски простор.

Впрочем, оваа координирана активност на проруските групации во Бугарија и проруските групации во Македонија, во последната година и како дел од владата е редовно присутна. Токму ова е директен индикатор за руските хибридни закани врз Македонија и хибридната војна која Русија ја води против ЕУ и НАТО во регионот користејќи ја Македонија како прокси држава на највисоко владино ниво, а во рамките на тајното политичко маневрирање со цел нарушување на партнерските односи во јужното крило на НАТО.

Како еден исклучително значаен аспект во кој Русија прави моделирање на хибридните закани во Македонија е продолженото политичко маневрирање преку промоција на необразовани партиски апаратчици за идни донесувачи на политички одлуки во сите клучни сфери на државата. На овој начин долгорочно се води подривачка дејност кон темелите на државата и нејзино онеспособување за соодветна анализа токму во однос на претстојните и активните ризици и закани врз сигурноста. Токму низ оваа призма на гледање на моделот преку кој Русија ги реализира своите хибридни закани во Македонија, не само што во потполност го сокрива својот борбен идентитет во рамките на хибридната војна, туку исклучително добро и, би рекле, успешно го моделира идниот пристап кон Македонија. Во исто време, дури и позначајно, употребата на Македонија во регионот како прокси држава која ќе ги спроведува задачите на хибридните дејствија на Русија.

Затоа, нашиот – македонски проблем – не е прашањето дали Русија ќе продолжи со хибридните закани врз Македонија. Прашањето можеме да го сведеме на две нивоа:

  1. Како земјата – со која стратегија и со кои активности – да излезе од состојбата на прокси држава на Русија?
  2. Како и во кој временски период и врз основ на кои активности може да се спречи моделирањето на руските хибридни закани во сопственото општество?

Одговарајќи на овие две круцијални прашања, Македонија многу лесно ќе може да го предвиди и спречи пристапот на Русија преку хибридни закани да изврши загрозување на сигурноста не само на Македонија, туку и во регионот.

(продолжува)


Ексклузивно за ЦИВИЛ МЕДИА.

[1] Qiao Liang and Wang Xiangsui, Unrestricted Warfare, Beijing: PLA  Literature and Arts Publishing House,  1999

[2] Валерий Герасимов, „Основные тенденции развития форми способов применения ВС, актуальные задачи военной науки по их совершенствованию“, Вестник Академии военных наук 42(1), Москва, 2013

[3] Mark Galeotti, “I’m Sorry for Creating the „Gerasimov Doctrine‟”, Foreign Policy, March 5, 2018

[4] Василий Гулин, „О новой концепции войны“, Военная мысль 2, Москва, 1997

[5] Steven Metzand, Phillip R.Cuccia, „Defining War For The 21st Century“, Strategic Studies Institute Annual Strategy, Conference Report 2010, U.S. Army War College, Carlisle, 2011

Next Post

Почина легендарната хрватска пејачка Габи Новак

НАЈНОВО

ВИ

ЦИВИЛ објави проширување на мандатот на својата клучна мониторинг-единица за мониторинг на хибридните закани

August 11, 2025

Шевролет Корвете ЗР1Х: Најбрзиот американски автомобил на Нирбургринг Нордшлајфе

August 11, 2025

Кримска платформа: Повик за ослободување на затворениците на рускиот систем – случајот на новинарот Вилен Темерјанов

August 11, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Окупација во 45 слики

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Скандал во Демир Хисар – Адвокатот Стеваноски: Еве како се менува доректорка на средно училиште пред распишување на избори

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Крвта на невините, фантазијата за Нобелова награда и сцената за легитимирање на злосторникот од Кремљ

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Иванка Трамп го купила островот Сазан во Албанија за над милијарда долари

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Чупеска: ОЈО мора да постапи и началникот на Тошковски да одговара

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk