Министерот за спорт Борко Ристовски кој го следеше синоќешниот натпревар на македонската репрезентација против Грузија, по победата им честите на нашите одбојкари и ги награди со премија.
– Ви благодариме за се што правите за Македонија, некои подолго, некои сега почнуваат. Ние како министерство секогаш ќе стоиме зад успешни федерации, зад успешни приказни во спортот. Во разговор со претседателот на Федерацијата, на негов предлог, одлучивме да добиете премија од три милиони денари од државата за пласман на Европското првенство, им соопшти Ристовски на одбојкарите.
„Црвено-жолтите“ како една од најдобрите пет второпласирани репрезентации во квалификациските групи, изборија пласман на ЕП 2026.
Македонската одбојкарска репрезентација вечерва во Скопје ја совлада Грузија и избори учество на Европското првенство 2026.
Четврти пат во низа ќе играат на континенталното првенство.
„Црвено-жолтите“ успеаја да дојдат до посакуваната убедлива победа над Грузијците со 3:0, по сетови 25:13, 25:16 и 25:17.
Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски го освоија второто место во Ф-групата и како една од петте најдобро второпласирани селекции во квалификациите одат на ЕП 2026.
Селекторот на македонската одбојкарска репрезентација Јошко Миленкоски изрази задоволство од изборениот пласман на Европското првенство 2026.
– Пласманот на Европското првенство е награда за напорната работа во текот на долгото жешко лето. Бевме под притисок да ја победиме Грузија убедливо без изгубен сет. Тие не се воопшто лесен противник, тоа го покажаа во третиот сет. Задоволство е што ја исполнивме целта. Ова е голем ден за македонската одбојка, изјави Миленкоски по средбата со Грузија.