Поетско читање и свеченост на која беа одбележани 100 години од излегувањето на Зборникот на Браќата Миладиновци во далечната 1961 година беа инспирација за неколку македонски поети да продолжат секоја година да ги чествуваат Миладиновци. Манифестацијата, која од година во година растеше и се надоградуваше, задржувајќи ја својата суштина и автентичност за кус период прерасна во меѓународен поетски собир со светско реноме. Денес Струшките вечери на поезијата се симбол на градот Струга и културен мост, кој ги поврзува поетите од сите меридијани.
Спроти отворањето на 64. издание на поетскиот фестивал, за зачетоците и развојот на Струшките вечери на поезијата за МИА говори Јован Стрезовски, еден од неговите основачи и долгогодишен директор на Фестивалот. Овој 94-годишен поет со емоции се навраќа на моментите, кога заедно со Блаже Конески, Ацо Шопов, Гане Тодороски, Матеја Матески, Славко Јаневски… ја организирале средбата за да одбележат 100 години од издавањето на Зборникот на Миладиновци, од која произлегла идејата секоја година да ги чествуваат македонските преродбеници. Името на Фестивалот, Струшки вечери на поезијата, му го дал Гане Тодоровски, а Ацо Шопов бил првиот претседател на Одборот.
-Така почнавме со литературни читања на поети од земјава. По три години стана Југословенски фестивал, доаѓаа поети од другите републики од поранешна Југославија. Со учество на поети од неколку земји во 1965 година, Фестивалот стана меѓународен. Тогаш ја воведовме и наградата „Златен венец“ за најдобро прочитана песна, а прв добитник беше рускиот поет Роберт Рождественски во 1966 година. Пет години подоцна, во 1971-та дојде идејата највисокото фестивалско признание да се доделува за севкупен поетски опус, не само за прочитана песна. Првата награда ја доби англискиот поет Вистан Хју Оден за неговото целокупно творештво. Потоа се редеа значајни поети, а дел од нив по закитувањето со Златниот венец, добија и Нобелова награда, истакна Стрезовски.
Тој станал првиот директор на Фестивалот во 1971 година, кога се формирала институцијата Струшки вечери на поезијата. Тогаш е изграден и Домот на поезијата, заедно со Паркот на поезијата, каде секој лауреат на манифесатцијата засадува дрвце.
– Од година во година Струшките вечери растеа и станаа најпозната поетска манифестација во светот. Тие се еден поетски и културен прозорец на Македонија кон светот. Тоа го покажува и докажува доаѓањето на значајни поети од сите континенти, вели Стрезовски.
Фестивалот расте ги следи модерните трендови, но ја задржа основата
Струшките вечери на поезијата постојано се развиваат следејќи ги современите трендови, но ја задржуваат основата. Традиционално почнуваат со Т`га за југ на Константин Миладинов, основачот на современата македонска поезија и поетското читање „Меридијани“ на свечена сцена во Домот на поезијата. Лауреатот на највисокото фестивалско признание засадува дрвце во Паркот на поезијата, покрај кое стои испишана табла со неговото име и годината на добивање на Златниот венец. Неизоставен дел се и поетските читања на повеќе локации на брегот на Охридското Езеро, во Струга и во Охрид, читањето кај Свети Наум, како и на завршната манифестација „Мостови“. Традиционално се одржува и вечер на добитникот на Златниот венец, како и поетски претставувања на добитниците на наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Стрруга“, а од неодамна и „Млада Струга“.
Струшките вечери го задржаа основното јадро, карактеристиките по кои се препознава фестивалот. Свечено почнуваа со поетски читања на истекот на реката Црн Дрим во импровизирана колиба, се до изградбата на Домот на поезијата. Завршуваа со манифестацијата „Мостови“. За свеченото отворање и затворање на фестивалот се изработуваше посебна сценографија, која на почетокот ја правевме сами. Рибарите ќе собереа стари мрежи и го декорираа мостот да добие една автентична крајезерска атмосфера, се наврати Стрезовски.
Струшките вечери низ годините растеа, се ширеа и надоградуваа, следејќи ги светските трендови. Денес имаат значајно место во меѓународната поетска јавност, како најстар поетски фестивал, кој има моќ на поврзување на јазиците и културите од сите континенти од почетоците до денес.
Но, како и за се друго, вели Стрезовски, при воздигнувањето на фестивалот не ретко се соочувале и со проблеми. Во тоа време, во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, Струга имала само едно мало хотелче, кое немало капацитет да ги собере учесниците и новинарските екипи кои доаѓале да го проследат фестивалот, па дел од гостите биле сместувани во Охрид.
– Проблем беше што учесниците цел ден ги возевме да дојдат на програма во Струга, па ги враќавме во Охрид, денот им минуваше по автобуси. Имаше проблеми што немаше кај да се одржуваат поетските читања и свечените отварања, не беше изграден Дом на поезијата, а некогаш и врнеше и не можеше на отворено. Со отварање на Домот на поезијата и тоа се надмина, се присетува Стрезовски.
Културен мост меѓу народите
Најстариот поетски фестивал, покрај поврзувањето на јазиците и културите од сите континенти има моќ и на здружување на народите. Како пример Стрезовски ја посочи случката од 2007 година кога добитник на Златен венец беше палестинскиот поет Махмуд Дарвиш, а на фестивалот допатувале и поети од Израел. Поради војната меѓу Палестина и Израел, од претпазливост поетите од двете земји биле сместени во различни хотели. Но, реагирале и побарале да се заедно со сите учесници, по што продолжиле мерките за претпазливост да не седат заедно.
-На наше изненадување уште од првиот ден на иста маса седнаа и палестинските и израелските поети, си разговараа најобично. Тогаш видовме дека Струшки вечери имаат и друга димензија, да шират пријателства во светот и да ги спојуваат народите, заклучи Стрезовски.
Струшките вечери на поезијата празник за Струга
Одржувањето на Струшките вечери беше радост за стружани, празник за Струга, а културата и литературата во Македонија живееја со манифестацијата.
-Тоа беше една радост за стружани. Кога ќе шетаа учесниците низ Струга да ја разгледаат, стружани излегуваа пред портите да ги пречекаат, да ги почастат. Едвај ги чекаа фестивалските денови, со восхит се сеќава Стрезовски.
Со изградбата на Домот на поезијата, кога мислеле дека проблемот со одржувањето на манифестацијата е решен, се појавил друг проблем – добивањето влезници.
– Секој сакаше да присуствува на свеченото отварање, покрај стружани имаше и голем број туристи што сакаа да присуствуваат. Покрај 600-те седишта што ги има салата додававме уште по 200 столици, но и тоа беше малку, па пред врата местевме видео бимови да гледаат. Странските учесници се чудеа од интересот на населението, колку луѓето се жедни за поезија, кажувале дека кај нив на поетски читања се собирале едвај по 20-тина луѓе, раскажува Стрезовски.
Струшките вечери, како што се присети и хроничарот, д-р Климент Матоски, за Струга значеле многу.
– Струга дишеше во духот на поезијата. На настанот се собираа сите стружани. Сега тоа спласнува, го нема тој жар како некогаш, забележува Матоски.
Тој се наврати на времето кога носел столчиња од дома да фати место да ги слуша сите поети.
– Најпопуларна остана манифестацијата „Мостови“. Кога ќе се случуваа „Мостови“ таму беше цела Струга. Седнати по кејовите, тревниците луѓето со интерес слушаа. Сега имам впечаток како да доаѓаат да направат корзо по кејовите, а многу ми пречи и гласната музика од кафулињата на кејот на реката Црн Дрим, вели Матоски.
Богата издавачка дејност и архивски материјал од почетоците
Издавачката дејност на СВП остава трага зад секое Фестивалско издание, да не биде само чуен збор кој ќе згасне по завршувањето на манифестацијата. Белег остава и богатата фотодокументација.
– Имаме една богата издавачка дејност, која остава трага за се она што се случувало на СВП. Се е документирано на фотографии и ленти, се е архивирано. Тоа е македонско богатство. Македонија има со што да се пофали. Низ весниците тогаш се пишуваше дека Струга е поетска република, во која се собираат поети од целиот свет и оставаат свои траги, истакна Стрезовски.
Во времето кога тој бил директор и кога технологијата не беше на сегашното ниво, посочи, плаќале за документирање на се што е пишувано за Струшки вечери, како во медиумите во земјава, така и во светските.
-На јубилејот 40 години Струшки вечери на поезијата издадов зборник во кој се собрани исечоци од сите учесници на СВП, што се е кажувано на Фестивалот, фотографии од учесници и лауреатите до тогаш. Направивме монографии и за 10 – годишниот и за 25 – годишниот јубилеј. Тоа ќе остане и за идните поколенија, додаде Стрезовски.
Се присети и на библиотеката со изданија од добитниците на Златен венец и сите учесници на фестивалот што функционирала во склоп на Струшките вечери, навраќајќи се на една анегдота со Блаже Конески.
– Кога Блаже Конески го достави својот избор за наградата Златен венец, му се јавив и му реков: професоре изборот е многу мал, меѓу книгите од другите добитници во светот ќе се изгуби на полиците. А тој ми одговори: „тој избор е строг мој избор и не е битно колку е дебела книгата, битно е она што е внатре дали е вредно“. И тој избор остана мал и како книга не уреден, но за нас, за Струшките вечери на поезијата вреден, заклучи Стрезовски.
Поезијата останува вечниот универзален јазик, кој ги надминува границите на националност, религија, идеологија, политика. На Струшките вечери поетите зборувајќи на својот мајчин јазик низ стиховите ткаат мостови на разбирање и културна разновидност што го зближуваат светот.
Годинашното, 64. издание почнува утре со традиционалното садење дрвце и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2025 година, истакнатиот словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка. Свеченото отворање на манифестацијата, традиционално ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на антологиската песна на Константин Миладинов – Т`га за југ во Домот на поезијата.
Слаѓана СТОЈКОВА КОСТОСКИ / МИА