Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова, заедно со кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром, д-р Александар Трајановски, денеска посетија дел од урбаниот комплекс „Џевахир“ во Аеродром, каде што, како што рекоа, секојдневието на жителите е обележано со неред, нечистотија и запоставеност.
„Кај Џевахир со Александар разговаравме за секојдневниот неред, запуштеност и нечистотија во еден од најгусто населените делови на Аеродром,“ истакна во објава на социјаните мрежи Шукова.
Таа нагласи дека наместо да биде пример за модерна урбана зона, овој дел на општината е претворен во срам за градот.
„Преполн е со ѓубре, има безредно паркирање, нефункционална инфраструктура и запоставено зеленило. Комунална хигиена не доаѓа со денови, корпите се преполни, а улиците – валкани и небезбедни. Зелените површини се неискосени, урбаната опрема е уништена, а институциите – отсутни,“ рече Шукова.
Таа оцени дека оваа состојба е резултат на четири години негрижа, немање визија и комплетен институционален хаос.
„Не може просторот околу ваков комплекс да изгледа како дива депонија,“ порача кандидатката на СДСМ.
Во своето обраќање, Шукова најави промени доколку таа и Трајановски ја добијат довербата од граѓаните.
„Нашите сограѓани мора да добијат јавен простор што го заслужуваат – уреден, чист и безбеден. Овој дел од Аеродром заборавен од институциите, повторно ќе го вратиме на граѓаните,“ рече таа.