Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија, во соработка со Католичката црква во Скопје, денеска ќе одржи свечена церемонија по повод Денот на независноста на Украина. Настанот ќе ги обедини дипломатите, украинската заедница и пријателите на Украина во заедничка порака на слободата и отпорноста.
Програмата ќе започне напладне во Католичката црква во Скопје со интонирање на химните на Украина и Северна Македонија, по што ќе следи минута молк за паднатите херои на Украина. Амбасадорката на Украина, Лариса Дир, ќе им се обрати на присутните, а Бискупот Киро Стојанов ќе одржи молитва за Украина.
Се очекуваат и обраќања од претставници на Владата на Северна Македонија, како и од претседателот на украинската заедница во Северна Македонија, Олександр Урбанович.
Културниот дел од програмата ќе го збогати пијано-рециталот на украинскиот пијанист Игор Панченко, како и отворањето на изложбата „Пред/После“ на Украинскиот институт, која сведочи за уништеното културно наследство на Украина како резултат на руската агресија.
Амбасадата и нејзините партнери ќе ја искористат оваа прилика и за промоција на кампањата за прибирање средства, иницирана од Министерството за надворешни работи на Украина и платформата UNITED24. Кампањата има за цел да обезбеди спасувачки роботски системи за украинските единици, кои ќе вршат евакуација на ранетите, дотур на снабдување и деминирање во најопасните подрачја.
Настанот ќе заврши со повик за солидарност со Украина во нејзината борба за слобода, независност и демократија.
Џ. Д.